20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Талин претставени можностите за бизнис во Македонија

Во Талин претставени можностите за бизнис во Македонија

grujo

Економскиот тим на Владата предводен од премиерот Никола Груевски денеска на бизнис форум во Талин, Естонија, ги претстави можностите за инвестирање и водење бизнис во Македонија.

На форумот кој се одржа во организација на Стопанската комора на Естонија, учествуваа претставници на компании од информатичко – комуникациската технологија, техничката индустрија, недвижностите, земјоделството и туризмот.

Премиерот Груевски во своето воведно излагање се осврна на пријателските односи со Република Естонија и на можностите за економска соработка помеѓу двете држави кои спроведуваат и водат слични економски политики и мерки, соопшти владината прес-служба.

Истакнувајќи ги инвестициските можности кои ги нуди Република Македонија, Груевски го акцентира македонскиот даночен пакет кој е најнизок и најповолен во Европа како силна компаративна предност на земјата за привлекување на инвестиции.

Премиерот Груевски истакна дека Македонија има најнизок даночен пакет во Европа. – Персоналниот данок е 10% и данокот на добивка е 10%, но само за компаниите кои ќе ја распределат добивката како дивиденда. За оние кои ќе ја акумулираат или пак реинвестираат добивката, односно нема да ја распределат како дивиденда, данокот е 0%. Две третини од компаниите ја користат оваа исклучително поволна можност, нагласи пред присутните претседателот на македонската Влада.

Тој ги претстави и поволностите кои се нудат во технолошко – индустриските развојни зони. Посочи дека во тие зони постои период од десетгодишно даночно ослободување, што значи дека компаниите кои ќе се лоцираат во нив во период од десет години не плаќаат никаков данок, ниту на добивка, ниту персонален данок, а постојат ослободувања од плаќања на царини за увоз и ДДВ за репроматеријалите кои доаѓаат од увоз и се користат во зоните за производство кое оди за извоз.

На форумот од име на домаќините се обрати претседателот на Стопанската комора на Естонија, Томас Луман. Тој истакна дека помеѓу Македонија и Естонија постојат големи потенцијали за развој на соработката на секое поле.

– Ние сме свесни за ниските даноци, за намалувањето на административните бариери, добрата работна сила и останатите поволности кои ги нуди Македонија и приватните естонски компании е добро да се запознаат и да ги искористат тие можности, рече претседателот на Стопанската комора на Естонија, Луман.

Во македонскиот економски тим се и заменик претседателот на Владата на Република Македонија Владимир Пешевски, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестициин Бил Павлески и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.

Вицепремиерот Пешевски се осврна на реформите кои се спроведуваат за намалување на процедурите и инвестициите во образованието со цел креирање на соодветна и добро образована работна сила.

– Компаниите се основаат за само четири часа, одобренијата за градба се издаваат електронски, а институциите се поврзуваат и обезбедуваат логистика за компаниите. Инвеститорите кои ќе дојдат може да очекуваат помош и од Владата и од институциите, истакна Пешевски.

Министерот Бил Павлески ги претстави можностите за инвестиции во туризмот, земјоделството, во енергетиката и во градежништвото. Тој истакна дека ова се сфери каде Владата вложува исклучително многу во јакнење на потенцијалите за инвестиции кои ќе донесат нов и поголем развој.

Павлески во своето излагање пред присутните на форумот истакна дека една од најкрупните мерки која е насочена кон привлекување на странски инвестиции во туризмот е определувањето на почетна цена од едно евро за метар квадратен за купување на градежно државно земјиште за изградба на хотели и мотели.

– Како резултат на ваквата мерка, како и континуираната поддршка на туризмот, веќе таквата шанса за инвестиции ја препознаа значајни хотелски брендови кои започнаа изградба на хотели во Македонија. Ваквиот тренд на реформи и постојана отвореност за нови инвестициски можности ја следи и сферата на градежништвото, енергетиката како и сите останати сфери кои го поттикнуваат развојот, рече министерот Бил Павлески.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Мизо подробно ги објасни можностите за инвестирање кои им стојат на располагање на инвеститорите  во отворените технолошки индустриски развојни зони кои на заинтересираните им нудат низа поволности.

Мизо посочи дека реномирани компании со седиште во САД, Германија, Швајцарија, Италија и од други држави веќе инвестираа во изминатите години во Македонија што е потврда за сериозните напори кои ги прави Република Македонија на инвестициски план.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП