29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Одговорноста да се имплементираат целите за одржлив развој е на Владата

Анѓушев: Одговорноста да се имплементираат целите за одржлив развој е на Владата

Најдоброто е да создадете општество во кое ќе има правда за сите и добри услови за сите. Тоа е и целта на исполнувањето на овие цели за одржлив развој, дали е возможно, сигурно е, а дали е лесно, секако не е лесно. Одговорноста да се постигне тоа падна на тие што ја преземале одговорноста да ја водат оваа држава, на сегашната влада и на сите следни влади, истакна заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, Кочо Анѓушев на церемонијата за доделување на наградите „Предводници на Целите за одржлив развој“, што се одржа за првпат во нашата земја, како дел од проектот „Градење меѓуресорски партнерства за одржлив развој“.

Проектот е спроведен од организациите „Konekt“, „Agora“ и „Network Bulgaria“, а е поддржан од УНИЦЕФ и Делегацијата на Европската Унија.

„Агендата 2030 изгледа амбициозно и би било добро да биде остварена колку што е можно побрзо, а целосно до 2030 година. Затоа Владата во своите програмски определби постави најголем дел од целите на агендата, како целта број 7 која во голем дел е исполнета а се однесува на енергетиката и енергетската ефикасност за што се веќе донесени законите и се исполнети целите. Но, тука остануваат целите во делот на правдата, пристапот до образованието, инклузивниот одржлив економски раст, што значи добра и еднаква благосостојба за сите жители во едно општество“, објасни Анѓушев.

На неодамнешната седница на Националниот совет за одржлив развој, со кој претседава Вицепремиерот, владата донесе стратегија за реализација на 5 приоритетни цели, од вкупно 17 општи цели за одржлив развој, како и 169 специфични цели чија реализација се следи преку 243 глобални индикатори.

Петте цели на кои се фокусира Владата се: цел 1 – да се стави крај на сиромаштијата, во сите форми, насекаде, цел 4 – да се обезбеди инклузивно и правично квалитетно образование и да се промовираат можности за доживотно учење за сите, цел 8 – да се промовира инклузивен и одржлив економски пораст, целосно и продуктивно вработување и достојни работни места за сите, цел 13 – да се преземат итни дејства за борба против климатските промени и нивните влијанија и цел 16 – да се промовираат мирни и инклузивни општества за одржлив развој, да се обезбеди пристап до правда за сите и да се изградат ефективни отчетни и инклузивни институции на сите нивоа.

Анѓушев посебно го истакна и се осврна на придонес на компаниите предводници кон исполнување на целите за одржлив развој како и на нивната улога во создавањето просперитетна иднина за државата.

„Целите за одржлив развој не може да се исполнат ако се насочиме само на едно нешто, само на образование или само кон социјалната политика, туку треба да биде сеопфатно. Затоа централно место во сето ова имаат и компаниите, затоа што се тие работодавачи и тие треба да бидат општествено одговорни и да целат кон тоа заедно со заедницата да градат подобро општество. Затоа сакам да ги поздравам и да им честитам на компаниите кои учествуваат во исполнувањето на целите за одржлив развој за добиените награди, компании кои што биле социјално одговорни и придонеле за нашето општествено да биде подобро и да сме еден чекор поблиску кон остварување на целите за одржлив развој“, потенцираше вицепремиерот.

Тој нагласи дека целите за одржлив развој се визија за создавање иднина на светско ниво и нудат можност за воспоставување на нова димензија на бизнис секторот. Усвоени во 2015 година од 193 држави во Обединетите нации, меѓу кои е и нашата земја, тие можат да ја обликуваат новата ера на компаниите кои се посветени и отворени за нови предизвици, заклучи вицепремиерот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП