24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ бара да го забрза воведувањето на нов систем за плаќање на...

ЕУ бара да го забрза воведувањето на нов систем за плаќање на ЕЦБ

Европската комисија разгледува нови правила за да се забрза донесувањето на нов систем за итни плаќања, кој Европската централна банка (ЕЦБ) го има издадено минатата година како директен конкурент на компаниите за платежни картички и технолошките гиганти, соопшти заменик-претседателот на ЕК, Валдис Домбровскис, цитиран од „Ројтерс“.

Системот на ЕЦБ, наречен „TARGET Instant Payment Settlement“ (TIPS) ќе им овозможи на луѓето и компаниите во Европа да прават плаќања во евра за секунди без разлика какво е работното време на нивните банки. Системот се гледа како директен предизвик за американските компании, како „PayPal“, „Google“, „Facebook“ и „Amazon“, кинеските „Alibaba“ и „Tencent“, кои во моментов имаат доминантна позиција кај овие услуги во Европа.

Бидејќи европските банки засега се задржуваат со пристапувањето кон системот, Европската комисија ги испитува можните мерки за забрзување на неговата употреба.

„Размислуваме дали ќе има потреба од еден посилен регулаторен поттик за забрзување на процесот“, рече денеска на финансиско-технолошката конференција Валдис Домбровскис, кој е одговорен за прашањата поврзани со еврото и социјалниот дијалог, финансиската стабилност, финансиските услуги и унијата на капиталните пазари.

Тој нагласи дека системот на ЕЦБ има потенцијал да ги поткопа постојните решенија за плаќање, вклучувајќи ги картичките, барем што се однесува до плаќањата во евра.

Американските компании „Visa“ и „Mastercard“ моментално доминираат на пазарот за картички во Европа.

„За неколку години, сакаме Европа да постави нови глобални платежни стандарди“, рече Домбровскис.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП