25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев: Мерката за укинување на давачките за увоз на замрзнато свинско месо...

Анѓушев: Мерката за укинување на давачките за увоз на замрзнато свинско месо дава позитивни резултати

Владата во соработка со производителите и преработувачите на месо креираше мерка со која практично месопреработувачката индустрија се спаси од колапс.

Мерката за укинување на царинската давачка за увоз на замрзнато свинско месо за преработувачката индустрија беше креирана за да ја подигне конкурентноста на компаниите на домашниот, но и на меѓународните пазари, а ефектите од нејзиното воведување се многу позитивни, порача заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на средбата со Групацијата на преработувачи на месо и производство на месо во Стопанската комора на Македонија.

„Преработувачките капацитети за месо беа во тешка ситуација, работеа со 28% од својот капацитет, а во домашните трговски објекти беше забележително присуство на сувомесни производи од странство, во најголем дел од соседните земји. Тие се соочуваа со ситуација каде што имаше царина за увоз на сурово месо за преработка, додека за сувомеснати производи нема царина, што многу влијаеше на цената на производството и конкуретноста на нашите компании. Мерката ја конципиравме за да не направи никаква дисторзија на пазарот со месо, а во периодот откога се имплементира резултатите се охрабрувачки. Производството на месо во првиот период на имплементација на мерката е зголемено за 6,64%, додека извозот на сувомеснати производи е зголемен за над 40%, со што практично од увозна земја, Република Северна Македонија стана извозник на сувомеснати производи“, нагласи Анѓушев.

Вицепремиерот подвлече дека Владата ќе продолжи силно да ја поддржува индустријализацијата, како главен столб на одржлив економски развој, при што нагласи дека во 2018 година забележан е раст на индустриското производство од 5,4% и раст на извозот од околу 17%, директните странски инвеститори се во различни фази на изградба на 17 нови производствени капацитети, а околу 250 компании се поддржани преку мерките од Планот за економски раст.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочи дека второто продолжување на мерката е направено по опсежните анализи и консултации со преработувачите од месната индустрија и со фармерите, како и поради исклучително позитивните резултати од првите шест месеци од воведувањето на мерката.

„Имаме раст на производството на сувомеснати производи и раст од над 40 отсто на извозот на сувомеснати производи. Еден од аргументите при носењето на оваа одлука беше ниската искористеност на преработувачките капацитети во оваа индустрија и опасноста од колапс на оваа индустрија. Денеска заклучуваме дека имаме и во дел раст, а искористеноста на капацитетит од 28 % е зголемена на 40 %“, нагласи министерот Николовски.

При тоа, Николовски посочи дека МЗШВ преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и преку мерките од ИПАРД 2-програмата, ќе ја продолжи поддршката на оваа гранка, како важен сектор за развој на земјоделството и на севкупната економија.

Гоце Трајчев, претседател на Групацијата на преработувачи на месо и производство на месо, се согласи дека мерката дава позитивни резултати, при што додаде дека индустријата ќе се залага за усогласување на европските регулативи и изедначување на условите за функционирање на месопреработувачката индустрија со цел уште повисока конкурентност на македонските компании на домашниот и меѓународните пазари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП