19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговскиот суфицит на Германија со САД е близу 49 милијарди евра во...

Трговскиот суфицит на Германија со САД е близу 49 милијарди евра во 2018-та

Трговскиот суфицит на Германија со САД, кој е чест извор за тензии со американскиот претседател Доналд Трамп е намален во минатата година, но и покрај тоа останува околу 49 милијарди евра (55,37 милијарди долари), пишува „Ројтерс“.

Трамп често го критикува големиот трговски суфицит кој најголемата економија во Европа го има со САД и се закани дека ќе стави во замена за тоа царина за увозот на германски автомобили.

Но германската канцеларка Ангела Меркел ја стави под „прашалник“ анализата на Трамп, велејќи дека трговскиот суфицит се пресметува според старомоден начин и дека САД имаат голем вишок на тековната сметка со Европа при вклучување на услугите.

Во јуни Меркел предложи постојните системи за известување на меѓународната трговија да се подобрат.

Конечните пресметки на Федералната статистичка служба покажуваат дека германскиот извоз во САД е зголемен за 1,5% и достигна рекордни 113,5 милијарди евра во 2018-та година.

Тоа значи дека САД останале најголемиот купувач на стоки произведени во Германија, пред Франција која купила производи во вредност од 105 милијарди евра, и Кина со стока со вкупна вредност од 93 милијарди евра.

Германскиот увоз од САД се зголеми за околу 4% до 64,6 милијарди евра.

Тоа значи дека вишокот со САД е со околу една милијарда евра помал во однос на 2017-та година. Тој сепак останува најголем суфицит кој Германија го има со некоја земја, и сочинува над една петтина од вкупниот вишок на Германија од околу 228 милијарди евра во 2018-та година.

Кина останува најголем трговски партнер на Германија во 2018-та година, двете земји си размениле стоки за близу 200 милијарди евра.

Германскиот извоз за Кина се зголемил за околу 8% до 93 милијарди евра во минатата година, а увозот од Кина се зголеми за околу 4% до 106 милијарди евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП