24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнѓушев и Филипче во Белград: Поддршка од ИФЦ за реализација на крупни...

Анѓушев и Филипче во Белград: Поддршка од ИФЦ за реализација на крупни инфраструктурни проекти

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска во Белград се сретнаа со директорот на регионалната канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација за Централна и Југоисточна Европа (IFC-International Finance Corporation), Томас Лубек, со кого разговараа за можностите за поддршка од страна на ИФЦ, дел од групацијата на Светска банка, за реализација на крупни инфраструктурни проекти во енергетиката и во здравствениот сектор.

Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека на средбата со регионалната канцеларија на ИФЦ се разгледуваа можностите за соработка во поглед на поголемо вклучување на приватниот сектор во реализација на економските политики на Владата.

„Денес со ИФЦ разговаравме за реализација на проекти во форма на јавно-приватно партнерство, со особен фокус на енергетски проекти. Конкретно стана збор за проекти за јавно-приватно партнерство за хидроелектраната Чебрен, за проекти за управувањето со отпадот, односно еколошките аспекти и производство на енергија од отпад, како и за можноста за јавно-приватно партнерство во здравствениот сектор, концепт што е застапен во развиените земји. Очекуваме во рок од 2-3 недели да пристапиме кон активности со кои ќе го откочиме проектот за изградба на ХЕ Чебрен, значаен проект во поглед на производство на електрична енергија, но и за наводнување и водоснабдување. ХЕ Чебрен планираме да се реализира во форма на јавно-приватно партнерство, каде што јавниот партнер би бил ЕЛЕМ, додека приватен партнер ќе се бара во тендерска транспарентна постапка, каде што очекуваме поддршка од IFC. До крајот на годината се надеваме да пристапиме кон реализација на проектот за изгрaдба на хидроелектраната и наскоро Чебрен да биде ставен во функција на енергетскиот систем и водостопанството“, потенцираше вицепремиерот по состанокот.

На состанокот со ИФЦ се разменија и искуства во врска со моделот на јавно-приватните партнерства во здравствениот сектор.

„Сакаме да ја искористиме експертизата којашто ИФЦ ја има во имплементирање на јавно-приватното партнерство во многу земји во светот, а со цел на нашите граѓани и пациенти да им го направиме здравствениот систем и здравствените установи подостапни. Да го зголемиме квалитетот на здравствените услуги и на долги патеки да овозможиме соодветен развој на нашиот здравствен систем во целост“, истакна министерот Филипче.

На состанокот, од страна на ИФЦ изразија подготвеност и волја за поддршка за реализација на проекти кои вклучуваат јавно-приватно партнерство во енергетиката, екологијата и здравствениот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП