20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПребирливост или мрзеливост? 10 илјади слободни места при 200 илјади невработени!

Пребирливост или мрзеливост? 10 илјади слободни места при 200 илјади невработени!

Стапката на невработеност е 20.8% односно еден од пет Македонци е без работа. Сепак, по се изгледа многумина се водат по изреката „барам за да не најдам“.

Македонското стопанство побарува илјадници работници. Преку Агенцијата за вработување во моментов се објавени рекорден број огласи – 10.547.

Најмногу слободни позиции има во Скопје (5.920). Следуваат Струмица (839), Кавадарци (626), Битола (467), Тетово (399), Виница (288), Прилеп (226)… Најмалку работници се бараат во Кратово (14), Ресен (11), Демир Хисар (7), Свети Николе (6) и Крушево (1).

Гледано по дејности најголема потреба од кадар има во преработувачката индустрија (2.663), трговијата (2.345), административните и помошните дејности (1.176), градежништвото (1.041).

Најбарани занимања се продавач, обезбедувач и работник во погон.

Бизнисмените постојано се жалат дека не можат да најдат кадар – луѓето биле премногу пребирливи.

„Доаѓаат на интервју а кога ќе им ја кажам платата и условите превртуваат со очите“, вели сопственичка на бутик. „Навистина не знам што очекуваат. Па 18 илјади малку да не се за продавачка? И да сакам не можам да дадам повеќе, толку ми се можностите“, објаснува таа.

„Можеби се мали платите, но тоа е реалноста во земјава. Зарем е подобро да седиш дома без пари или колку толку да заработиш“, вели сопственик на мини маркет.

На пазарот најмногу се бараат неквалификувани работници, но има потреба и од високо стручни кадри – програмери, информатичари, градежни инженери, архитекти, машински инженери, електроинженери, технолози, фармацевти, графички дизајнери.

Дополнителен проблем е слабо развиеното практиканство – невработените тешко доаѓаат до првото искуство.

„При вработување на нови работници, работодавачите ја нагласуваат потребата од кадар со работно искуство, како и стекнати дополнителни знаења и вештини. Ова посебно го нагласуваат кај вработувањата на кадар со високо образование“ се наведува во најновата анализа за потребите на пазарот на труд што ја изготви АВРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП