25 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМТСП: Рекордни 1,1 милијарда денари за нови вработувања и отворање нови бизниси

МТСП: Рекордни 1,1 милијарда денари за нови вработувања и отворање нови бизниси

Владата на денешната седница го усвои новиот оперативен план за вработување за 2019 година за кој издвои рекордни 1,1 милијарда денари, што е највисок износ досега и е за речиси трипати поголем од 2014 година, кога за истата намена беа исплатени 406 милиони денари, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Мерките се фокусираат на доквалификација, вработување на најранливите категории, поддршка за стартапите и иновативните бизнис-идеи. Од Министерството велат дека во процесот на креирање на овие мерки за првпат се вклучени сите чинители.

„Во 2019 да дадеме шанса за сите оние кои имаат образование, а се без работа, да ги прилагодиме на фактичката состојба и да ги активираме на пазарот на трудот. Новите работни места ги планиравме заедно со работодавците, односно за првпат мерките ги работевме во соработка со сите чинители и според реалните потребите во државата и на локално ниво. Со оперативниот план за 2019 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, како и на корисниците на гарантирана минимална помош“, велат од Министерството.

Од таму појаснуваат дека оваа година оперативниот план ги опфаќа и физичките лица, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост.

„Со ОП 2019, меѓу другото, овозможуваме обуки за побарувани занимања и занаети, како и обуки за дигитални вештини. Исто така, се продолжуваат програмите ‘Практиканство’, ‘Општинско-корисна работа’ и ‘Јавни работи’. Оперативниот план за вработување за 2018 година имаше високи 95% реализација. Со него за првпат ја воведовме ‘Гаранцијата за млади’, преку која се се вработија 1.839 лица. Преку учество во програмата ‘Самовработување’, сопствен бизнис отворија 1.191 лица, а една од најбараните беше програмата ‘Практиканство’, во која се вклучија 1.263 невработени лица до 34-годишна возраст“, велат од МТСП.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП