28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВтора фаза од ССА: Правните и физичките лица можат да вложуваат во...

Втора фаза од ССА: Правните и физичките лица можат да вложуваат во недвижности и во хартии од вредност во странство

Правните и физичките лица можат да вложуваат во недвижности и хартии од вредност во странство со преминувањето на земјата во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА).

Преминот кон втората фаза од ССА овозможува не само поголеми инвестициски можности за физичките и правните лица, туку и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните финансиски пазари. Исто така, се олеснува издавањето и регистрирањето странски хартии од вредност во земјава, како и на домашни хартии од вредност во странство.

Инвестирањето на странските финансиски пазари треба да се темели врз бројни информации врз кои се засноваат очекувањата на економските субјекти во кои се планира инвестирањето. Затоа се претпоставува дека резидентите, а особено физичките лица што ќе се одлучат да инвестираат во странство, се добро информирани за потенцијалните ефекти од нивните одлуки, дека имаат формирано јасни очекувања за приносите и степенот на ризичност, како и дека се запознаени со своите даночни обврски.

Резидентите треба да ги имаат предвид и да ги почитуваат обврските што произлегуваат од Законот за девизно работење кои се однесуваат за регистрирањето и известувањето за трансакциите. Забраната за отворање сметки на правни и физички лица во странски банки и натаму останува во примена, освен во случаите предвидени со Одлуката за начинот и условите под кои резидентите коишто не се овластени банки, можат да отвораат и да имаат сметки во странство.

Со потпишување на ССА, нашата земја се обврза на почитување на едно од основните начела врз кои се заснова единствениот пазар на Европската Унија – слободното движење на капиталот, што подразбира целосно, но фазно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка. Најголем дел од капиталните трансакции, како што се кредитните работи, странските директни инвестиции, вложувањата на нерезиденти во хартии од вредност и во недвижности, и претходно беа либерализирани. Пристапувањето кон втората фаза од ССА значи натамошна либерализација на капиталните текови.

На 25 јануари 2019 година стапи во сила „Одлуката за премин во втората фаза на асоцијација меѓу Република Македонија и Европската заедница и нејзините земји членки“ („Службен весник на Република Македонија“ бр. 17 од 25 јануари 2019). Со оваа новина, согласно со Спогодбата за стабилизација и асоцијација, престануваат да важат одредбите на член 11 став 1, член 13 став 2, член 14 ставови 4, 5, 6 и 7 и член 15 став 3 од Законот за девизно работење со кои досега се ограничуваа инвестициските можности на домашните физички и правни лица во странство.

Истовремено, Советот на Народната банка на Република Македонија, на 31 јануари годинава ја донесе Одлуката за престанување на важењето на Одлуката за условите што треба да ги исполнуваат хартиите од вредност во странство во кои може да вложува овластена банка. Донесувањето на оваа одлука има за цел натамошно либерализирање на тековите од капиталната и финансиската сметка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП