26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски: Досега реализирани околу 5 милиони евра инвестиции преку првиот повик од...

Николовски: Досега реализирани околу 5 милиони евра инвестиции преку првиот повик од ИПАРД 2

Мерките од европската ИПАРД-програма нудат финансиска поддршка за модернизација на земјоделските стопанства, поддршка во преработувачката индустрија на земјоделски производи, како и поддршка на диверзификација на бизнисите во руралните средини, беше кажано на вчерашната средба на министерот за земјоделие, Љупчо Николовски, и земјоделците од Куманово и Крива Паланка.

Целта на програмата, како што се наведува, е да се обезбеди производство на конкурентни земјоделски производи со повисока цена, со намалување на производните трошоци преку инвестициите во производството и крајно поголеми приходи.

Првиот јавен повик за ИПАРД II-програмата во 2017 година започна со вкупен износ од 80 милиони евра наменети за развој на земјоделството и руралниот развој.

„Со задоволство можам да информирам дека на првиот повик, којшто заврши во јули 2017 година, до денес имаме склучено 930 договори чијшто износ надминува 18 милиони евра. Од вкупниот број договори, за над 550 договори е поднесено барање за исплата, што значи реазлизирана е инвестиција во износот од околу 5 милиони евра, а за 129 договори веќе целосно се исплатени средствата во вредност од 1,5 милиони евра“, изјави Љупчо Николовски.

„ИПАРД-програмите будат голем интерес кај земјоделците од сите региони. За првпат имаме и надминување на буџетот од 13,2 милиони евра“, изјави заменик-директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Авдуљ Селам Селами.

Во тек е јавниот повик за мерката 1 „Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства”, за којашто крајниот рок за поднесување барања е до 9 овој месец, а вкупната финансиска поддршка за оваа мерка е 12 милиони евра.

Мерката опфаќа инвестиции во изградба или реконструкција на објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжерии, капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи, опрема за земјоделство, системи капка по капка и друго, а во тек е и проверка на документацијата од Јавниот повик по мерка 3 „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”, кој заврши пред три дена.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку оваа едукативна програма го поттикнуваат развојот на земјоделството со цел да се создадат успешни проекти кои ќе овозможат поголемо искористување на средствата предвидени со ИПАРД II-програмата, а со тоа и сигурен и стабилен развој на македонското земјоделство во руралните средини. Кампањата за едукација продолжува и во следниот период во различни градови во државата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП