17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски: Новата програма за развој ќе овозможи модерно земјоделство и подобар живот...

Николовски: Новата програма за развој ќе овозможи модерно земјоделство и подобар живот во руралните средини

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска ја презентираше Програмата за рурален развој за 2019 година, која има вкупен буџет од 2,2 милијарди денари.

Новите мерки кои значат инвестиции во земјоделството и руралниот развој создаваат услови тоа да прерасне во модерно и конкурентно производство, посочи министерот.

Во 2019 година финансиската поддршка за младите земјоделци продолжува, но со изменети критериуми. МШЗВ ги зголемува субвенциите од досегашните 10 000 евра на 20 000 евра по корисник. Дополнително, се воведуваат законски измени преку кои се отстранува границата од 18 месеци за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, со што се отвора мерката за повеќе млади луѓе.

Преку новата програма, МЗШВ ја зголемува поддршката за набавка на добиток од 14 на 91 милиони денари, a поддршката за набавка на трактори расте од 30 на 60,2 милиони денари.

Во новата програма за рурален развој за 900 отсто се зголемува сумата за мерката советодавни услуги со којашто преку стручни совети и навремени информации ќе се поттикне поголема искористеност на мерките од националните програми и од ИПАРД-фондовите.

Тука е и поддршката за инвестиции за пасишта во државна сопственост, пристап до земјоделско земјиште и консолидација на земјоделско земјиште.

„Со вкупно 60 милиони денари се поттикнува промоцијата на македонските земјоделски производи дома и во странство. Со овие средства ќе бидат поддржани уште 25 домашни и странски саемски манифестации. Дополнително преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи, Министерството нуди поддршка за заштитени ознаки за традиционални производи, отворање органски продавници, амбалажа на преработени земјоделски производи, изработка на маркетинг платформа и друго. Финансиска поддршка од 13 милиони денари ќе добијат локалните акциски групи преку кои ќе се поттикне партнерството помеѓу општините и невладините организации за подобрување на животот во руралните средини“, изјави Николовски.

Вкупно 130 милиони денари оваа година се издвојуваат за мерката обнова и развој на села. Со оваа мерка директно се поддржуваат општините во изработка на урбанистички планови за населени места во руралните средини, што е предуслов за користење на средства од ИПАРД-програмата.

Освен овие мерки во Програмата за рурален развој 2019 се предвидени пари и за зголемување на економската вредност на шумите, научните истражувања, економските здружувања на земјоделските стопанства, помош за вршење на земјоделска дејност во отежнати подрачја, помош за зачувување на руралните предели, помош за зачувување на генетската разновидност на автохтони земјоделски растенија и раси на добиток, органско производство и други мерки кои подеднакво ќе придонесат за модернизирање на земјоделството, поголем приход за земјоделците, отворање нови работни места за младите земјоделци и за подобар живот во руралните средини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП