16 април, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со Горан Цветинов, генерален директор на „Нептун“

Интервју со Горан Цветинов, генерален директор на „Нептун“

„Нептун“ и „Балфин“ сериозно ги вреднуваат вработените, партнерите и клиентите

Најголемиот ланец маркети за бела техника и електроника во Македонија, „Нептун“, којшто е член на групацијата „Балфин“, својата прва продавница ја отвори во 1998 година, во Градскиот Трговски Центар во Скопје. Оттогаш, компанијата разви мрежа од 25 продажни локации во 21 град и го зголеми бројот на категории и светски познати брендови што купувачите можат да ги набават. Моментно, „Нептун“ има повеќе од 400 вработени, број што се зголемува за отприлика 10 отсто на годишно ниво. Тоа ја прави компанијата најголем ланец на маркети за бела техника и електроника во Македонија, ако се земат предвид бројот на продавници, изборот на производи, брендови, приход и дополнителни услуги.

Почетокот на професионалната приказна на Горан Цветинов е речиси идентичен со почетокот на „Нептун“, бренд што сега е дел од групацијата „Балфин“. Тој во компанијата за продажба на електронски уреди е повеќе од 20 години, односно од самите нејзини почетоци. Како што „Нептун“ се развивал, така и Цветинов напредувал од продавач, преку раководител на продавница, директор за малопродажба и комерцијален директор до генерален директор минатата година. „Балфин“, групацијата на која што „Нептун“ припаѓа, дава особено значење на своите вработени и посветува многу ресурси и време за да им овозможи професионално да се развиваат.

Денар: „Балфин“ е една од најголемите инвестициски компании во регионот. Што сметате дека ја издвојува од аспект на пристап и начин на работа?

– Секогаш се зема предвид и се цени мислењето на вработените, партнерите и клиентите. Се охрабрува изнесувањето различни ставови, се препознаваат и промовираат високи перформанси. Иновативноста се поттикнува, насочени сме кон иднината и секогаш се трудиме да најдеме начин како нештата да ги направиме подобри.

Денар: На чело сте на компанијата за продажба на бела техника и електроника, „Нептун“, која лани одбележа две децении работа. Каков беше развојот на оваа компанија и каде котира во моментов на пазарот?

– Првата продавница е отворена во 1998 година во Градскиот Трговски Центар во Скопје, а во 2006 се отворија продавници во Скопскиот стадион, во Гостивар и во Тетово. Развивме мрежа во 21 град со 25 продажни места. Со зголемување на бројот на продажни места се зголемуваше и бројот на категории на светски брендови кои ни ја дадоа довербата да ги застапуваме на македонскиот пазар. За добар дел од нив како Беко, ЛГ, Теси, Канди, сме единствени застапници. Покрај најголем асортиман на производи, „Нептун“ како лидер на пазарот воведе и многу иновативни услуги како инстант-финансирање, дополнително осигурување на производи, разни начини на испорака и многу други прилагодени на потребите на потрошувачите. Моментно сме најголема компанија за потрошувачка електроника и апарати за домаќинство, по број на продажни места, асортиман на производи, трговски марки, промет, вработени, комплементарни услуги. Имаме 400 вработени, број што се зголемува за отприлика 10 отсто на годишно ниво.

Денар: Дел од начинот на работа на „Балфин“ е постојано да им се овозможува на вработените да се развиваат во рамки на групацијата преку обуки, шанси за напредок и слично. Колку ова се применува во „Нептун“?

– Мојот личен пример, кој секако не е единствен, доволно зборува за можностите што ги нуди „Нептун“ во смисла на напредок, без разлика дали се работи за напредување во матичната компанија или некоја друга компанија од групацијата „Балфин“. Можностите се зголемуваат со растот на групацијата и инвестициите што ги прави „Балфин“ во континуитет. Напредокот во компанијата и групацијата е резултат на континуиран развој на вработените на сите нивоа, преку програми за обука и развој, согласно потребите на компанијата, промените во околината и новините во работењето. Имаме долгорочна соработка со Универзитетот во Љубљана, каде што многу наши вработени имале можност да го унапредат своето знаење со целосна поддршка од „Нептун“. Инвестирањето во надградба на вработените придонесува и за квалитетна и професионална услуга кон клиентите.

Денар: „Балфин“ е посветен и на општествено одговорни проекти. Дали е ова практика и на „Нептун“?

– Како дел од групацијата „Балфин“ и „Нептун“ учествува во општествено одговорни проекти. Досега сме реализирале поголем број активности, а би ги издвоил донациите во над 400 домаќинства зафатени од елементарна непогода, потоа во повеќе образовни институции, спортски клубови, спортисти-поединци, вработени и на други лица и организации.

Денар: Може ли да ни кажете нешто повеќе за идните планови за „Нептун“?

– Континуирано работиме на унапредување на севкупното купувачко искуство. За таа цел, сме во процес на имплементација на нови техологии и алатки, кои ќе ни помогнат да подобро ги разбереме потребите и навиките на потрошувачите. Бенефитите од новите технологии, наскоро ќе можат да ги почувствуваат и посетителите на нашите продажни места, каде ќе бидат инсталирани интерактивни паметни дисплеи кои ќе бидат во служба на потрошувачите, како и мобилна апликација за подобро информирање околу тековните понуди и бенефитите од нашата лојална програма haPPy. Во нашите планови е и зголемувањето на бројот на корисници на НЛБ haPPy кобрендираната кредитна картичка на Mastercard, која нуди многу бенефиции за корисниците, како кешбек и безкаматен грејс-период, кај повеќе од 230 трговци, односно над 1.000 продажни места. Дополнително, во нашите планови е и нов концепт за изложување на производите во салоните.

******

За Групацијата „Балфин“

Групацијата „Балфин“ е една од најголемите приватни инвестициски групации во регионот, позната по своите инвестиции во трговски центри, резиденцијални и комерцијални локации, туристички проекти, како Green Coast Resort и Vala Mar Residences, активности во модната и во рударската индустрија, како и во малопродажбата преку брендови како „Нептун“,  Jumbo, SPAR итн.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП