13 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрамп сака деблокада на владата, но не се откажува од ѕидот на...

Трамп сака деблокада на владата, но не се откажува од ѕидот на границата

Американскиот претседател, Доналд Трамп, сака да избегне нова делумна финансиска блокада на федералната влада, но останува решителен во однос на прашањето за изградбата на ѕидот на границата со Мексико, соопшти Белата куќа.

Но, демократите во американскиот Сенат и натаму остануваат на својот став дека не прифаќаат изграда на ѕид на границата.

„Претседателот не сака да помине низ уште едно затворање на влада“, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, на брифинг за медиумите, каде што во меѓувреме од демократите побара да се разгледа ова прашање посериозно и да се решат проблемите на границата, вклучувајќи го и финансирањето на граничниот ѕид.

Федералните агенции повторно беа отворени по најдолгата блокада на Владата во историјата на САД.

Минатата недела американскиот претседател, Доналд Трамп, потпиша закон за привремено финансирање за три недели, подготвен да им даде простор на преговарачите во Конгресот за подготовка на пакет-мерки за подобрување на безбедноста на границата.

Комитетот, составен од членови на двата дома на Конгресот, треба да ги почне консултациите в среда, но партиските разлики во врска со финансирањето на ѕидот, кои доведоа до затворање на Владата, и натаму остануваат, пренесуваат американските медиуми.

„Демократите остро се спротивставуваат на идејата на претседателот за изградбата на скапиот и неефикасен ѕид на границата“, изјави лидерот на демократите, Чак Шумер, од Њујорк, непосредно пред брифингот на новинарите со Сара Сандерс.

Републиканскиот сенатор од Тексас, Дон Корнин, пак, смета дека на кое било место по должина на границата е потребна комбинација од три елементи: физички бариери, технологија и персонал.

„Треба да ја имаме секоја од овие работи наведена во овој закон за безбедност на границата, надевајќи се дека ќе гласаме во наредните недели”, рече Корнин.

Во меѓувреме членовите на комитетот одбија да одговорат што би можело да се очекува од преговорите.

Канцеларијата за буџет претходно соопшти дека, според нивните проценки, петнеделната делумна блокада на Владата предизвикала загуби во американската економија од три милијарди долари.

Скратувањето на финансирање предизвикало намалување или прекин на федералните услуги и предизвикало финансиски проблеми за 800 000 федерални работници кои биле на принуден одмор или биле принудени да работат без плата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП