4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПочнува исплатата за првите оштетени осигуреници од ПИОМ

Почнува исплатата за првите оштетени осигуреници од ПИОМ

Започна првата уплата од државата кон двете приватни пензиски друштва за оштетените осигуреници на кои со години не им биле плаќани придонеси во вториот пензиски столб, информираше министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа вели дека со првата уплата се опфатени 4.926 осигуреници и истата треба да заврши до крајот на месецот. Уплатите за другите осигуреници ќе се случуваат во наредните месеци и треба да завршат до средината на годината, со што сите 12 илјади осигуреници ќе бидат целосно обесштетени. За оваа намена обезбедени се 19 милиони евра од буџетот. Согласно со новата законска регулатива, исто така во тек е трансферот на 11.319 членови од вторите кон првите друштва.

„Засега реформата тече според предвидената динамика, без никакви потешкотии при спроведувањето. Во измината година докажавме дека пензиите растат и тоа ќе биде случај и оваа година. Пензионерите може да бидат апсолутно спокојни. Реформата која ја правиме е избалансирана, до неа дојдовме преку темелни анализи грижејќи се да не оштетиме никого. Со неа го намалуваме дефицитот во ПИОМ за две милијарди годишно, но без радикални мерки како замрзување на пензии или покачување на старосната граница“, изјави министерката Царовска по состанокот со директорите на ПИОМ, МАПАС и приватните пензиски друштва.

Министерството за труд и социјална политика вчера до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против непознат сторител за скандалот со неуплатените придонеси. Со кривичната пријава е поднесена и документација од темелната анализа на пензискиот систем со која беа откриени неправилностите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП