Британската кралица, Елизабета Втора, ги повика Британците да се обединат и да пронајдат заеднички јазик. Пораката доаѓа во екот на поделбите и бурните расправии помеѓу британските пратеници кои се однесуваат на истапувањето на земјата од ЕУ.
Кралицата во говорот што го одржа на Институтот за жени во Сандрингем нагласи дека е важно да се говори убаво за другите и да се почитуваат различните ставови, пренесуваат британските медиуми.
„Континуираното нагласување на трпеливост, пријателство, силниот фокус на заедницата и земањето предвид на потребата на другите, се важни денеска колку што беа и кога оваа група беше основана пред сите овие години“, изјави кралицата во говорот по повод стогодишнината од одбележувањето на институтот.
Укажа дека секоја генерација се соочува со нови предизвици и можности.
Кралицата е политички неутрална во својата државна улога, а вторпат во рок од месец дена говори за потребата за толеранција.