26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: телевизии – МРТ со најмногу пари и вработени, најава за нови...

Анализа: телевизии – МРТ со најмногу пари и вработени, најава за нови канали

Сител останува убедливо најгледана телевизија во Македонија која држи и речиси половина од рекламниот колач. Сепак МРТ има најголеми приходи, најмногу вработени. Јавниот сервис најавува реорганизација на каналите и вкупно пет програми меѓу кои и еден исклучиво на Албански јазик.

Сител убедливо на врвот по гледаноста

Сител останува убедливо најгледана телевизија. Ова го покажуваат податоците на Агенцијата за медиуми (АВМУ) кои се однесуваат за цела 2018-та година.

На прашањето „Кои домашни и странски канали ги гледавте вчера“ 38.85% од испитаниците одговориле Сител, 30.84% Канал 5, 18.15% Телма, 15.36% Алсат, 14.40% МТВ1, 12.36% 24 вести, 11.16% Алфа, 3.67% ТВ 21, 2.54% Шења, 2.53% МТВ2, 2.03% Канал 5 Плус, 1.92% ТВ1.

Споредено со 2017-та година, рејтингот на Сител и Алсат останал стабилен. На Канал 5, Телма и Алфа има благ пад од по околу 2 процентни поени.

Од странските канали достапни преку кабелските мрежи најпопуларен е Fox (7.30%), па Sport Klub (6.14%), Discovery (5.90%) и National Geographic (4.22%).

Приходите на медиумите во континуиран пад

Македонската Радио Телевизија троши колку петте приватни национални телевизии заедно. Според последните податоци од АВМУ кои се однесуваат на 2017-та година МРТ имала вкупни приходи од 18.6 милиони евра, а комерцијалните телевизии од 23.1 милион.

Вкупните приходи на сите радија и телевизии биле 42.4 милиони евра. Од нив 54.48% се на комерцијалните телевизии, 39.77% на МРТ и 5.75% на радијата.

Најзначаен дел претставуваат приходите од рекламирање (53%) и приходите на МРТ од радиодифузна такса и од средствата префрлени од Буџетот (37%). Останатите 10% од вкупните приходи во индустријата се приходите остварени по сите други основи.

Приходите на радиодифузерите имаат континуиран пад во последните 5 години. Во 2017-та од 10.35%, во 2016-та од 6.19%, во 2015-та од 2.34%, во 2014-та од 4.69%.

Сител зема речиси половина од рекламниот колач – 43% од сите приходи по оваа основа. Следува Канал 5 со 19%, Алсат со 15%, Телма со 12% и Алфа со 8%.

„Во последните пет години поединечното учество на петте телевизии во приходите од рекламирање било приближно исто секоја година, со исклучок на ТВ Алфа, чие учество во 2016 и 2017 година се намалило, и на ТВ Телма која во тие две години имала поголемо учество отколку во претходните три“ стои во анализата.

МРТ со убедливо најмногу вработени

На 31.12.2017 година бројот на вработени во Македонската радио телевизија изнесувал 847 лица што е за 17 лица помалку од претходната година.

Јавниот сервис имал повеќе вработени од петте приватни национални телевизии заедно кои вработувале 668 луѓе. Од приватните, на крајот на 2017-та, најмногу вработени имал Канал 5 (151), следува Сител (143), па Алсат (110), Алфа (108) и Телма (100).

МРТ ќе воведува нови канали – МРТ 2 само на албански

Програмскиот совет на МРТ на крајот на минатата година донесе одлука за формирање нови канали со што вкупниот број треба да достигне пет.

Според реорганизацијата нови канали се:

  • Втор програмски сервис на МТВ–24 часовен канал на албански јазик;
  • Трет програмски сервис на МТВ–Канал 3–музика/забава/култура/спорт;
  • Четврти програмски сервис на МТВ–Канал 4–Канал за документарна програма и програма на етничките заедници; и
  • Петти програмски сервис на МТВ – Канал 5 – Детска програма.

„По спроведеното гласање се констатира дека Одлука за нови програмски сервиси од јавен интерес на ЈРП МРТ е едногласно усвоена од страна на Програмскиот совет“ се наведува во соопштението на МРТ.

Три од четири Македонци секој ден пред телевизор

Според анализите на АВМУ секој ден гледаат 71.0% од граѓаните или 69.1% од мажите и 72.8% од жените.

Помладите гледаат помалку од повозрасните – 66.1% од оние од 10 до 19 години, 65.6% од 20 до 29 години,  69.79% од оние на возраст од 30 до 39 години, 74.9% од 40 до 49 години, 77.0% од 50 до 59 години и 77.1% од оние над 60 години.

Според етничката припадност пред ТВ приемниците секој ден се 72.9% од Македонците, 66.0% од Албанците и 71.0% од другите националности.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП