16 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДеспотовски: Голем интерес кај стартап-компаниите за финансиска поддршка од ФИТР

Деспотовски: Голем интерес кај стартап-компаниите за финансиска поддршка од ФИТР

Во Фондот за иновации и технолошки развој беа презентирани првичните резултати по завршената административна проверка на пристигнати апликации на јавниот повик за инструментот „Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт ап и спин оф – СтартАПувај“, финансиран од ФИТР и Светската банка.

Директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, потенцира дека интересот за аплицирање е голем, особено кај младите луѓе. Според податоците, на повикот аплицирале 186 компании, а побарани се петпати повеќе средства од предвидениот буџет за инструментот, кој изнесува еден милион евра.

Деспотовски нагласи дека позитивно е тоа што 91 отсто од компаниите првпат учествуваат на јавен повик организиран од страна на Фондот, како и тоа дека дури две третини од компаниите што аплицирале не се постари од една година, а повеќе од 50 проценти од нив се основани по објавата на јавниот повик.

„Она што особено нè охрабрува е што сме успеале во намерата да ги поттикнеме младите да размислуваат, покрај работа во јавен сектор или да си заминат од државата, да останат овде, да отворат свој бизнис и да аплицираат за поддршка во Фондот. Тоа ни беше и основната цел со овој повик“, истакна Деспотовски.

Најголем број предлог-проекти се во ИТ-индустријата, но застапени се и 20 други сектори, како земјоделството, автомобилската индустрија, транспортот, економијата, маркетинг и медицина. Исто така, компаниите предвидуваат отворање 409 нови работни места со просечна плата од над 30.000 денари.

Според Деспотовски, дополнителен позитивен показател е податокот дека со овој повик се поттикнува женското претприемаштво во земјата, односно дури 35 проценти од компаниите апликанти имаат жена управител или член на сопственичката структура.

„Ова се показатели што говорат дека сме успеале да ја придвижиме македонската стартап-заедница и полека да ја менуваме свеста во земјата, особено кај младите, дека може да креираат успешни бизнис-приказни дома“, заклучи Деспотовски.

Во тек е процесот на претселекција од страна на надворешни експерти. Се очекува целиот процес за биде заокружен за еден месец.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП