26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена недела“ во...

Николовски на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена недела“ во Берлин

Од денеска, па и наредните три дена министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, ќе биде во официјална посета на најголемиот светски саем за храна и земјоделство „Зелена недела“, што се одржува во Берлин, Германија. Се работи за саем со долга традиција од 1926 година, на кој своите производи ги изложуваат фирми од целиот свет.

Оваа година на саемот „Зелена недела“ учествуваат над 70 меѓународни министри, заменик-министри и државни секретари за земјоделство. Целиот настан е во организација на Министерството за храна и земјоделство на Германија. Оваа година темата на саемот е „Земјоделството се дигитализира – Паметни решенија за идното земјоделство“.

Во рамките на саемот ќе се одржи и 11. берлинска конференција на министрите за земјоделство, во склоп на Глобалниот форум за храна и земјоделство, на која ќе се дискутира за тоа како може да се примени дигитализацијата за да се промовира економски оправдано, ресурсно-зачувано, еластично и потрошувачки ориентирано земјоделството.

Во рамките на саемот министерот Николовски денеска ќе присуствува на Глобалниот форум за храна и земјоделство, на кој на меѓународните министри ќе им се обрати сојузниот канцелар, Ангела Меркел, која ќе зборува за значењето на дигиталните технологии за иднината на земјоделството.

Освен на министерската конференција, на која меѓународните министри ќе дебатираат за потенцијалите за дигитализација на земјоделството, пристапот на фармерите до дигиталните технологии, подобрување на користењето податоци и друго, министерот Николовски ќе има свое обраќање на состанокот во организација на Федералното министерство за земјоделство и храна и SWG на тема „Потенцијалите на трговската размена“.

Во рамките на саемот министерот Николовски ќе има билатерална средба со министерот за земјоделство на Египет, Абу Сетејт, на која ќе се разговара за трговската размена меѓу двете земји и извозот на македонски производи во Египет.

Оваа година Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на саемот „Зелена недела“ учествува со национален штанд на кој посетителите ќе имаат можност да дегустираат традиционални македонски производи, а на штандот има и македонски ресторан од Берлин, каде што ќе се готви македонска национална храна. Воедно, преку промотивниот материјал, посетителите ќе може да се запознаат со можностите што ги нуди Македонија за туризам.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП