28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВевчанските василичари преку хуморот ја отсликаа состојбата во Македонија

Вевчанските василичари преку хуморот ја отсликаа состојбата во Македонија

Театар на отворено без сценарио и режија. Вака викендов наликуваше Вевчани. Општина од само едно населено место, лоцирана во западниот дел на Македонија, наделеку позната по Вевчанскиот карневал.

На сатиричен начин вевчанци, организирани во две групи Горна и Долна маала, ги отсликаа и исмејаа случувањата во државата, но и во светот изминатата година.

Промената на уставното име на Република Македонија и актуелната политичка состојба, очекувано кај публиката беа главна инспирација за вевчанци. Креативните василичари дури изградија и ѕид со Северна Македонија, а на тапет беа и осуммината пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, кои гласаа за уставните измени наречени „8-те величествени“. Низ вевчанските улици поминаа и комисиите за доделување Нобелова награда за мир, за која е номиниран премиерот Зоран Заев, како и за скок во далечина за поранешниот приемр Никола Груевски.

Креативните василичари се пошегуваа и на сметка на минималната плата од 500 евра, странските инвестиции, законите за родителски додаток и за прво, второ и трето дете. Тие имаа формирано и „олимписки комитет за пиење“, а се гушеа и од „загадениот воздух“ од политичката клима.

Ниските температури и снегот не ги поколебаа вевчанци и стотиците домашни и странски туристи да излезат на улиците и да ја почуствуваат магијата на маските, хуморот и сатирата.

Традиционални и актуелни маски

Зетот, невестата, ѓаволите и глупавите августи се традиција на Вевчанскиот карневал и неизоставен дел од неговите почетоци. Креативноста и возбудата секоја година се препушта на актуелните маски инспирирани од секојдневието.

Според традицијата, зетот и невеста симболизираат плодност, продолжување на семејството, ѓаволите се обидуваат да го победат човекот и глупавите Августи, кои имаат најтешка задача, со своите крикови и потези што ги манифестираат секогаш во улога на заштитиници се околу зетот и невестата.

За веселбата се задолжени музикантите, кои постојано се во нивна близина. Вевчанци 12 месеци ги планираат маските со својата оригиналност и неповторливост. Тие ќе кажат се, но до дефилето не откриваат во што ќе бидат маскирани. Маските ги изработуваат рачно со современи материјали, но користат и кожи од животни што е дел од традицијата, а некогаш дури и животни.

Со хумор и сатира дочек на Нова година

Со традиција од околу 15 века, преку интересен спој на паганското и модерното на 13 јануари вевчанци ја испраќаат старата и ја дочекуваат Новата година по Јулијанскиот календар. Маскирани, василичарите на уникатен и неповторлив начин ги бркаат злите духови и преку хумор и сатира ги прикажуваат настаните што ја одбележале изминатата година. На далеку познатиот Вевчански карневал со своите специфични особини, уникатност и неповторливост е единствен и се разликува од другите карневали во светот.

Се празнува на 13 и 14 јануари на христијанскиот празник Свети Василиј Велики, а се претпоставува дека постои од настанокот на населбата. Во последно време карневалските чествувања почнуваат од 12 јануари. Годинава манифестацијата почна со отворање на изложбата на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ на Анастас Ќушкоски. Снегот и ниските температури и до минус 12 степени целзиусови не ги поколебаа вевчанци и многубројните гости да присуствуваат на вечерната забава, која почна со Културно уметнички работници, а атмосферата ја загреаа настапите на рок групата „Архангел“ и музичката легенда Ненад Милосављевиќ од групата „Галија“. Забавата продолжи до раните утриснки часови со музичкиот избор на диџеј Рутбој.

Новата година вевчанци и многубројните посетители ја дочекаа со настап на групите „Баклава“, Кате и Нели ти реков, Џубокс бенд и оркестарот Зурли и тапани.

Бркање на злото и пораки за бериќетна година

Преку маските вевчанци испраќаат силни пораки за среќна и бериќетна година, но и бркање на злите духови од општеството. Најчесто поединечните, но и групните маски се инспирирани од политичките и општествените случувања, кои василичарите ги чуствуваат како зло. На сатиричен начин василичарите сметаат дека ги бркаат тие зли сили, но и испраќаат пораки до нив со надеж за подобро утре.

На тапет биле видни имиња од претседатели на држави, премиери, пратеници…, но за содржината на маските никој не се лутел. Тоа, според некои политичари, е мотив плус да размислат подлабоко и да ја согледаат и другата страна за состојбата.

Со традиционалното палење на маските и василичарското оро во понеделникот завршија карневалските случувања, а со тоа се верува дека е избркано злото.

Се претпоставува дека карневалот постои од настанокот на Вевчани. Претставува интересен спој на паганското и модерното, а василичарите се уникатни и неповторливи и со своите специфични особини е единствен и се разликува од другите карневали во светот.

Слаѓана Стојкова Костоски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП