29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТереза Меј во обраќање пред парламентот ќе побара поддршка за брегзит

Тереза Меј во обраќање пред парламентот ќе побара поддршка за брегзит

Британската премиерка Тереза ​​Меј планира пред парламентот да каже дека сега е многу поверојатно пратениците да го блокираат брегзит отколку Велика Британија да ја напушти Европската унија без договор.

Собранието е во ќор-сокак околу тоа како да се постапи во врска со брегзит, најголемиот пресврт во надворешната и трговската политика на Велика Британија во повеќе од 40 години, а се очекува дека во вторник пратениците ќе гласаат против договорот на премиерката, со што напуштањето на ЕУ ќе стане уште понеизвесно.

Малцинската влада на Тереза ​​Меј, со поддршка од малата северноирска партија, минатата недела двапати беше поразена во парламентот во однос на прашањето за брегзит, а пратениците создадоа нова пречка за постигнување договор, принудувајќи ја Меј да вети дека ќе презентира план Б во рок од неколку дена, доколку нејзиниот договор биде одбиен.

„Во Вестминстер има некои кои би сакале да го одложат, па дури и да го запрат брегзит и кои би го искористиле секој можен начин за да го сторат тоа“, ќе каже Меј во говорот пред фабрички работници во градот Стоук во централна Англија, што е забележано во претходно објавени извадоци.

Таа има намера да додаде дека верува оти е поверојатно членовите на парламентот да го блокираат брегзит отколку Британија да ја напушти ЕУ без договор, објавија од нејзината канцеларија.

Договорот на Меј го критикуваат од сите страни – и противници на ЕУ кои сметаат дека е можно почисто разидување, но и многу проевропски елеменит во земјата кои сакаат уште еден референдум.

Весникот Сандеј Тајмс, повикувајќи се на висок владин извор, објави дека целта на бунтовните пратеници е да го блокираат или одложат брегзит.

Барајќи од пратениците да го поддржат договорот со ЕУ, Меј има намера да каже дека во пресрет на референдумот во 2016 година и нејзината конзервативна партија и опозициската лабуристичка партија јасно ставиле до знаење дека ќе ја спроведат волјата на Британците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП