Во 2018-та година во Македонија имавме највисок раст на платите во однос на годините наназад. Ако порано платите растеле со стапка од 1,5 отсто и 2 отсто годишно, во првите 10 месеци од 2018-та просечната плата има раст од 5,7 отсто.
Ова, како што соопштува Министерството за финансии, го истакнува ресорниот министер Драган Тевдовски во интервју за Канал 5 телевизија, во кое додава дека клучни приоритети на Владата се растот на платите од една страна, а од друга – отворање на нови работни места.
-Во 2018-та економијата се движеше напред и тоа пред се поради приватниот сектор. Платите растеа. Во првите десет месеци од 2018-та растот на просечната плата е 5,7 отсто.Тоа е највисок раст ако споредите со многу години наназад. Платите во Македонија порано растеле со 1 и пол, 2 проценти, сега имаме неколкукратно повисок раст. Индустријата растеше со стапка од скоро 6 отсто изминатава година. Извозот има континуирано двоцифрена стапка на раст. Стапката на невработеност се намали, изнесува 20,8 проценти. Имаме околу 14 илјади новоотворени работни места. Сево ова покажува дека економијата се движи во вистинска насока, вели Тевдовски.
Тој посочува дека јавниот долг е стабилизиран. Ако на крајот од 2016-та година тој изнесувал 48,8 отсто од БДП, на крајот од 2018-та година тој е намален на 48,2 отсто.
-Од претходната Влада наследивме огромни обврски што ги сервисираме. На пример, во 2019-та имаме долгови за враќање од повеќе од 10-тина милијарди денари, покрај буџетскиот дефицит кој поради постепената фискална консолидација го намалуваме и ќе изнесува околу 17 милијарди денари, вели министерот за финансии.
Тевдовски очекува годинава капиталните инвестиции да се реализираат со побрзо темпо. Како што посочува, главните проблеми кај проектите се разрешуваат, што особено се чувствувало во последниот квартал од 2018-та.
Тој вели дека нивото на капитални инвестиции е реално и разумно, а реализирањето на капиталните инвестиции, заедно со инвестициите од приватниот сектор ќе придонесат за раст на бруто инвестициите од 4,2 проценти.