4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМЗШВ: Истекуваат роковите за јавниот повик за државно земјоделско земјиште до 3...

МЗШВ: Истекуваат роковите за јавниот повик за државно земјоделско земјиште до 3 хектари и за јавниот оглас над 3 хектари

За неколку дена истекуваат роковите за доставување на документација за јавниот повик за давање под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 хектари и за јавниот оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари.

Како што информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, конкретно, за јавниот повик до 3 хектари рокот за поднесување документација е до 11 јануари односно до следниот петок, а за јавниот оглас за давање државно земјоделско земјиште над 3 хектари рокот е до 17 јануари годинава.

Со јавниот повик за давање под закуп на државно земјоделско земјиште до 3 хектари, МЗШВ им овозможува на земјоделците доколку имаат информации каде има слободна земја, самоиницијативно да пројават интерес преку изготовка на геодетски елаборат и прибирање на сите потребни документи пропишани со јавниот повик. Земјоделците треба да внимаваат земјиштето да не е предмет на денационализација и да не е веќе дадено под закуп.

Овој јавен повик е наменет за целокупното земјоделско земјиште во државата или за 34 региони. Целта на овој повик е да се стави во функција целото располжливо земјоделско земјиште, особено оние парцели од 4,5,6,7 и 8 класа, а кои што можат да се искористат за производство. Целта на повикот е да се стави во функција целокупното расположливо земјиште во државата, што крајно ќе придонесе за зголемување на обработливите површини и земјоделското производство. Земјиштето за кое ќе биде склучен договор ќе треба да се искористи за подигање на долгогодишни насади, оранжерии, долгогодишни насади со лешник, маслинарници, други земјоделски култури за период до 15 години, ливади за период до 15 години, за брзо растечки дрвја, за рибници и за спортско-рекреативни активности и рурален туризам.

Од друга страна, јавниот оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште над 3 хектари, освен за подигање на насади е наменет и за инвестиции во преработувачки капацитети. Предмет на овој оглас се најатрактивните парцели во државата, а на понудените локации освен примарно производство, заинтересираните треба да понудат и бизнис план за преработувачки капацитети. Со овој оглас се објавуваат над 1.420 хектари државно земјоделско земјиште, на кои освен долгогодишни насади со овошје, лозје, лешници и маслинарци, се отвора можност и за изградба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи како винарници, кланички капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии и други објекти тесно поврзани со земјоделското производство. Со јавниот оглас над 3 хектари се опфатени 23 земјишни парцели во 13 региони, и тоа: Штип, Гостивар, Гевгелија, Куманово, Неготино, Велес, Ресен, Св.Николе, Валандово, Гази Баба, Кратово, Берово и Струга. На овој оглас кој ќе се спроведе по пат на електронско наддавање, имаат право да конкурираат домашни физички и правни лица и странски правни лица.

Од МЗШВ оценуваат дека ваквите типови на огласи ќе обезбедат не само раст на капиталните влогови во земјоделството, туку и производство на финални производи кои ќе бидат конкурентни на домашниот и на странскиот пазар, решавање на проблемите со откупот и вишоците што се јавуваат преку инвестиции во преработувачки капацитети, отворање на нови работни места, економски развој на регионите и задржување на луѓето во тие региони.

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство ги повикува сите заинтересирани да ги запазат роковите со цел навреме да се заврши целата процедура и да се склучат договорите. Комплетната документација за јавниот повик и за јавниот оглас треба да се достави до Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП