29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИ лани земјоделството немаше куртул од проблеми

И лани земјоделството немаше куртул од проблеми

По турбулентната 2017-та, и оваа година македонското земјоделство не куртули од проблеми. Се соочи со зголемени царини за извоз (на овошје и зеленчук) од косовска страна, вратени праски од рускиот пазар, ниска откупна цена на доматите, протест на сливарите, револт на градинарите поради екстремно слабиот пласман на бостанот,…

Не изостанаа и штети од екстремните временски услови. На 23 јули Прилепско го зафати невреме во кое до 90 отсто беа уништени огромни површини тутун, пипер и други култури. Претходно, во јуни, страдаше и Овчеполието каде силни врнежи дожд и град сотреа жита, лозја, овошки,… Таму штетите, според првичните проценки, беа околу пет милиони евра.

Традиционално, се повтори и „ситуацијата“ со увозот на српско брашно, но овојпат во фокусот беа маркичките.

Неполни две недели пред 31 декември „се кренаа“ и одгледувачите на овци. Дојдоа во ресорното Министерство со жалби, поплаки и конкретни барања.

Претходно, неколку мелничари одлучија да ја зголемат цената на некои видови леб.

И додека ваквите случувања го тангираа најмногу стопанството, протече информација што сериозно ја разбранува јавноста – во Македонија се продаваат генетски модифициран ориз, соини шницли и пченка за пуканки. Ова го соопшти Агенција за храна и ветеринарство, но кратко потоа ретерираше.

За секој од овие проблеми, надлежните реагираа веднаш. Нешто се решаваше „во од“, нешто малку подолго, а нешто „се префрли“ во 2019 година.

Се интервенираше со дополнителни субвенции.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски е оптимист. Вели, не отстапува од определбата македонското земјоделство да биде модерно, европско, конкурентно, развиено. Постојано е на терен, контактира со производителите, трговците, стопанствениците. Најавува уште поголема поддршка, многу новини (меѓу кои фиксни субвенции за малите земјоделски стопанства до еден хектар), капитални инвестиции (во водостопанството вредни 428 милиони денари),…

Потсетува и дека првпат, токму оваа година, на градинарите преку два јавни повика им се овозможи да го откупат земјиштето под оранжерии.

Во однос на субвенциите, се исплатија околу 200 милиони евра, сума во која спаѓаат и заостанатите средства од 2013,2014, 2015, 2016 година, како и мерките од актуелните програми за 2017 година.

Согласно Буџетот за 2019 година, земјоделството ќе има на располагање 10,5 милијарди денари.

-Планираната вкупна финансиска поддршка е над 8,5 милијарди денари од кои преку 6,6 милјарди се за субвенции, а зголемување има и во Програмата за рурален развој каде се планирани 1,7 милијарди денари. Во кофинансирањето за ИПАРД програмата се проектирани 151 милион денари, истакнува Николовски.

Окрупнување на површините, максимална искористеност на обработливите парцели во државна сопственост преку давање во закуп, изградба на преработувачки капацитети и осоврменување на производството, ќе бидат дел од приоритетите.

Мирјана Чакарова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП