27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје требаше да биде велоград до 2017-та, но ќе стане за две...

Скопје требаше да биде велоград до 2017-та, но ќе стане за две години од сега

Градот Скопје ги презентираше изградените велосипедски патеки во Скопје во текот на изминатава година и ги најави велопатеките што ќе се градат наредната година.

„Во последните 14 месеци, по доаѓањето на новата градска администрација, изградени се и реконструирани 14,6 километри велосипедски и пешачко-велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари. За прв пат се изградени велосипедски патеки на градските улици во општините Кисела Вода, Чаир, Бутел и Ѓорче Петров, а изградени се и нови велопатеки во општините Карпош, Центар и Гази Баба“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху.

Тој истакна дека првично било планирано Скопје да биде велоград во 2017 година.

„За жал, до 2017 година беа изградени само 60% од планираната велосипедска мрежа. За една година успеавме да изградиме дополнителни 20% со што се искачивме на 80% од мрежата потребна за поврзување на градот“, нагласи портпаролот и додаде дека за само една година е изградена и реконструирана 4 пати поголема должина на велосипедски патеки од просекот во претходните години.

„Во 2018 година се посветивме на градењето на т.н. конектори кои ги поврзуваат главните велосипедски рути во Скопје, а го споивме со велосипедски патеки и Големиот Ринг. Ги издвојуваме конекторите на булеварот 8. Септември кој спојува 4 паралелни велопатеки, како и конекторот на булеварот Киро Глигоров кој ги спојува Автокоманда и Аеродром“, објасни Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот.

Градот Скопје изработи и мапа за илустрација на изградените велопатеки во градот, како и за делниците што ќе се градат во наредниот период. На мапата, зелените линии ги означуваат велосипедските патеки изградени меѓу 2005 и 2017 година, сините линии ги означуваат велопатеките што се изградени во 2018 година, а испрекинатите сини линии – патеките што ќе се градат во 2019 и 2020 година.

„Во 2019 година планираме да го споиме и Малиот Ринг продолжувајќи да градиме и реконструираме велосипедски патеки во должина од над 16 километри. Во согласност со нашите планови со гордост можеме да најавиме дека за две години од сега Скопје ќе биде велоград со развиена велосипедска мрежа што ќе ги поврзува сите населби во градот. Развивањето на велосипедската мрежа е основен предуслов за унапредување на велосипедизмот како одржлива алтернатива на автомобилскиот транспорт. Со тоа се бориме и против сообраќајниот метеж предизвикан од прекумерната употреба на автомобилот како превозно средство во урбаните средини и против аерозагадувањето кое во еден дел е предизвикано и од употребата на нееколошки горива за автомобилите. Продолжуваме и натаму да работиме на развој на велосипедската мрежа и ги поттикнуваме граѓаните да користат велосипед како превозно средство, за да обезбедиме одржлива урбана мобилност и поквалитетна животна средина“, нагласи Наумоски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП