26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМилионски штети: европско – американската трговска војна удри на Македонија

Милионски штети: европско – американската трговска војна удри на Македонија

Македонија колатерална штета на европско – американската трговска војна. Ограничувањата за извоз на алуминиум и челик веќе удри по нашите компании. Штетите ќе надминат 100 милиони евра.

Квотите предвидуваат дополнителна давачка односно царина од 25% за количината која би го надминала вкупниот просечен увоз од сите земји во изминатите три години. Се воведуваат како контра мерка на наметнатите царини од страна на Соединетите Држави, но важат за сите земји.

„Ќе има државни квоти и глобални квоти. За индустријата на цевки има државни квоти и ако годинава продаваа 180 илјади под претпоставка да не бидат погодени со антидампинг ќе имаат 110 илјади… За челикот имаме глобална квота од 2.8 милиони тони од кои некои земји имаат максимални количини а за другите остануваат 1.2 милиони тони под принципот прв дојден прв услужен“ вели Митко Кочовски, претседател на Здружението за металургија при Стопанската комора.

Челичната индустрија директно вработува околу три илјади луѓе, а учествува со дури 5.7% во вкупните економски активности. Македонија снабдува околу 1.4% од европскиот пазар на челик односно извезува над 400 илјади тони годишно. Најпогодени ќе бидат големите металуршки комбинати како Макстил, Арчелор Миттал, ИГМ и Дојран Стил.

„Ќе се намали приходот, а сите имаме високи фиксни трошоци. Тоа е првата последица. Втората е што ние имаме планирани инвестиции и сето тоа ќе мора да оди на мирување. Трета последица е кампањското производство кое ќе мора да почнеме да го применуваме а тоа носи други проблеми како принудни одмори и слично. Во услови кога и онака е тешко да се обезбеди кадар имаме дополнителни турбуленции кои носат нови неизвесности“ објаснува Кочовски.

Владата во повеќе наврати убедуваше дека Македонија како земја кандидат која има блиски врски со Унијата ќе биде изземена од ваквите мерки, но тоа не се случи.

„Ние добивме формална нота од Европската Комисија според која од идната година за македонските компании кои произведуваат челик и алуминиум ќе важат новите мерки за ограничен извоз. Досега не се плаќаше царина“ изјави вицепремиерот Бујар Османи. „Согласно новата формулација, земен е просекот на извоз на овие компании од 2015, 2016 и 2017 година зголемен за пет отсто раст. Се што е над тој износ ќе биде царинето со 25 отсто. Тоа ќе значи големи проблеми за нашата индустрија на челик и алуминиум, која сериозно придонесува во БДП на државата. Проценките се дека штетата би можела да биде до 100 милиони евра на годишно ниво на извозот“ објаснува тој.

Од Владата велат и дека не се откажуваат од обидите да го убедат Брисел дека Македонија треба да биде изземена од овие мерки.

„Тоа е повеќе прашање за Министерството за економија. Ние тоа го следиме и со целиот капацитет на институцијата ќе помогнеме. Очекуваме дека тоа нема да биде негативно за нас. Тоа не е завршен процес. Постои уште простор, пред се тимот кој што е предводен од Министерството за економија, да се избори за поволности кои ќе бидат добри за македонската економија“ вели министерот за финансии Драган Тевдовски.

Претставниците на челичната индустрија сепак се оптимисти – се надеваат дека може да биде најдено решение.

„Ние не можеме да изразиме незадоволство од ангажирањето на Владата. Прв пат по долго време директно беа вклучени во овој проблем. Нашите газди беа кај Заев, кај Димитров, кај Османи. Заев разговараше со Јункер, технички состанок се држеше во Брисел и во Скопје и во Брисел“ вели Митко Кочовски, претседател на Здружението за металургија при Стопанската комора.

Европската Унија се одлучи на контрамерки за трговијата со алуминиум и челик откако такви прв воведе американскиот претседател Доналд Трамп кој го ограничи увозот на овие производи од Кина и од ЕУ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП