6 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИВинарите ќе мора навреме да им плаќаат на лозарите

Винарите ќе мора навреме да им плаќаат на лозарите

lozje1

Доуредување на односите меѓу производителите на винско грозје и на вино, заштита на нивните интереси и на интересите на потрошувачите, подобрување на функционалноста на внатрешниот и надворешниот пазар на винското грозје и виното, како и уредување на увозот на вино во Република Македонија, се основните цели на измените и дополнувањата на Законот за вино кои денеска го поминаа првото читање во собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Предлог текстот, како што образложи ресорниот заменик министер Зоран Коњановски, предвидува дополнителни механизми за обезбедување гаранции за исплата на земјоделските производи со цел намалување на тензиите во договорните односи меѓу чинителите во синџирот за снабдување со храна, вклучително и виното.

– Во тој контекст, винарските визби се обврзани да доставуваат финансиски извештај за исплатеното грозје, односно за подмирените обврски кон лозарите во претходните години. Ако тоа не го сторат, нема да добијат дозвола за натамошен откуп, рече Коњановски.

Од аспект на здружувањето на производителите на вино, законот предвидува основање македонска национална асоцијација на винарии. Нејзини членови може да бидат сите регистрирани производители на вино во Македонија.

Се предлага и воспоставување регистар на увозници на вино со цел водење конкретна, точна евиденција на внесените количини, додека за подобрување на функционалноста на надворешниот пазар ќе се уреди и сегментот извоз на производи од винско грозје и производи од вино што во постојното решение не беше доволно третиран.

Измени има и во прекршочните одредби кои во досегашната примена на Законот не го остварија посакуваниот ефект.

– Од досегашното искуство при спроведувањето на редовните и засилените инспекциски контроли, констатирана е појава на нерегистрирани винарски визби и физички лица кои пуштаат вино во промет спротивно на законските одредби. Имајќи предвид дека досегашните прекршочни одредби не го остварија посакуваниот ефект во надминување на таквите состојби и намалување и сузбивање на сивата економија во областа и заштитата на потрошувачите, овој Предлог закон предвидува зголемени глоби за дел од прекршоците кои сериозно го загрозуваат функционирањето на пазарот и можат да имаат негативно влијание на здравјето на потрошувачите на вино, стои во образложението.

На седницата беа разгледани и Предлог законот за земјоделски задруги, како и измените на Законот за сточарство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП