8 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВиторино: Секој седми човек на планетава е мигрант

Виторино: Секој седми човек на планетава е мигрант

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, што се одбележува денеска.

Податоците на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) покажуваат дека близу 3.400 мигранти и бегалци веќе ги загубиле животите ширум светот во 2018 година. Повеќето загинале при обид да стигнат до Европа по морски пат. Многу од останатите починале обидувајќи се да преминат пустини или низ густи шуми, барајќи безбедност далеку од официјалните гранични премини. Овие бројки, кои се собирани секојдневно од вработените на ИОМ, се засрамувачки.

– Миграцијата е многу значајно прашање на оваа ера. Достоинството е во суштината на нашата мисија. Третманот на сите мигранти со достоинство е основното барање со кое се соочуваме, пред да се обидеме да сториме било што друго во областа на миграциите – вознемирувачко прашање што доаѓа во вознемирувачко време за светската заедница – бидејќи нашата иднина зависи од тоа. Исто така и нашата сегашност, посочува Антонио Виторино, генерален директор на Меѓународната организација за миграции (ИОМ).

Истакнува дека во денешно време човештвото е во постојано движење – приближно секој седми човек ширум планетата е мигрант и оти останува многу да се направи, но и да се научи.

– Миграцијата е сила за достоинство, бидејќи им овозможува на луѓето да изберат да се спасат, да се заштитат, да се едуцираат или да се ослободат себеси. Тоа им овозможува на милиони да изберат учество наместо изолација, дејствување наместо безработица, надеж наместо страв и просперитет наместо сиромаштија. Ние мораме да ги удостоиме тие избори со почит. Ги почитуваме така што ги третираме оние што прават вакви избори со достоинство, вели Виторино.

Според него, ако не им дадеме на сите граѓани сигурност дека и нивните избори се почитуваат, ризикуваме да загубиме вистинска можност за напредок. Миграцијата ги отсликува изборите што ги правиме заедно – или со тоа што ќе реагираме на доаѓањето на нашите соседи (или потенцијални нови соседи) со чувство на заедница, или не, наведува Виторино.

Оцени дека усвојувањето на Глобалниот договор за безбедна, уредна и регуларна миграција (ГДМ), на 10-ти овој месец во Маракеш, нé носи еден чекор напред кон достоинството за сите и кон балансиран пристап, како и кон широка соработка во областа на миграцијата.

– Договорот нагласува дека сите држави треба добро да управуваат со миграцијата и дека ниту една држава не може самостојно да го постигне тоа. Соработката на сите нивоа е од фундаментално значење во областа на миграцијата, рече Виторино.

Генералното собрание на ОН го прогласи 18 декември како Меѓународен ден на мигрантите во 2000 година. Истата година, во својот годишен Извештај за миграцијата во светот, ИОМ изјави дека „повеќе од 150 милиони меѓународни мигранти го прославија крајот на милениумот надвор од своите земји на раѓање“.

Осумнаесет години подоцна, трендот на мажи, жени и деца кои се селат продолжи да расте. Во овие осумнаесет години бројот на меѓународните мигранти се зголеми на околу 258 милиони луѓе. Уште 40 милиони луѓе се во моментов внатрешно раселени заради конфликти, и секоја година милиони други (18,8 милиони во 2017 година) се присилени да ги напуштат домовите заради климатски катастрофи и природни ризици.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП