13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија и во 21 век без опсерваторија

Македонија и во 21 век без опсерваторија

Во поранешна Југославија кога се истражувало кои се најдобрите места за опсерватории, од пет, четири биле во Македонија. Но, до денес, земјава, единствена во регионот, заедно со Албанија, нема опсерваторија, а нашите професори трчаат по Бугарија и Србија да се „гребат“ за набљудување (на небото) три ноќи, од кои две се облачни.

Со парите за еден од спомениците како оној на „Цар Самуил“ во центарот на Скопје можеа да се направат четири до пет опсерватории, смета Радан Митровиќ од Скопското астрономско друштво.

Како што вели, опсерваторија немаме зашто не постои интерес, а голема инвестиција не е потребна. Доволни се помалку од 50.000 евра или од три до пет милиони за посолиден објект, телескоп и истражувачки центар.

Го следиме ли чекорот на науката, астрономијата и астрофизиката, треба ли во школите да се воведе ваков предмет и до каде сме со критичкото размислување, беа само некои од темите околу кои поразговаравме со Митровиќ.

Тој е им е познат лик на љубителите на астрономијата, на оние што се редовни на предавањата (секој четврток) на Електротехничкиот факултет или на набљудувањата на небеските тела преку телескопите поставени на скопскиот плоштад, член е на Скопското астрономско друштво од почетоците, но е и поранешен ментор во НАСА.

Радан не само што сакаше да го сподели туку и го нагласи својот став, дека треба да го форсираме знаењето и да создаваме сопствена приказна врз основа на цивилизациските придобивки. Да не се поведуваме слепо по она што ќе го видиме на социјалните мрежи, по тврдењата од типот дека „Земјата е рамна“ или дека „Американците лажат, не стапнале на Месечината“, туку да читаме, да проверуваме, да дискутираме со факти и да аргументираме.

– Државата треба да има опера, филхармонија, театар, но треба да има и опсерваторија. Можеби не во 19 век, но во 20 и особено во 21 век, да. Ова е исто како да дебатираме за аеродром, дали да имаме или не. Или да спориме дали треба да имаме тоалети по дома. Добро, не мора да имаме, можеме да вршиме нужда и да уринираме надвор. Но, тоалетот, како и аеродромот и уште куп вакви примери се само одраз на цивилизираното живеење, вели Радан.

Додека ние немаме ниту една национална, државна опсерваторија, Словенците веќе имаат и приватни. Со сензори и дигитални команди. Доволно е само небото да биде чисто. Се притиснува едно копче, куполата се отвора и се набљудува.

-Не мора да имаме опсерваторија како онаа во Чиле, најголемата во свет, од стотици милиони евра. Таква не ни треба. Доволно ќе биде да имаме наша, во која ќе тераме своја наука, зашто знаењето е тоа што те прави да бидеш развиен. Треба да се обидеме да направиме своја приказна, со наши луѓе, наше небо, а кадар ќе создадеме. Добро би било професорите од факултетите да се потрудат малку повеќе, да седнат со Владата, да се договорат, истакнува Радан.

Крстот на Водно го оневозможи набљудувањето

По „ставањето“ на крстот на Водно, Скопје е веќе неупотребливо за набљудување. Ако сакаме да гледаме колку-толку добро небо, мора да одиме дури над Крива Паланка.

– Пречат светлата на крстот, дречат до Скопска Црна Гора. Одиме до браната Козјак, но и таму ни пречи, иако не го гледаме физички. Посебно пречат штедливите ЛЕД-диоди што ги ставија. Подобри беа старите светилки. ЛЕД-диодите зрачат светлина што се растура по целото небо, цел север и североисток практично е „зафатен“, не можеме да видиме ништо. Ако поставиме телексоп на плоштад, може да се видат само од три до пет ѕвезди, а на друго место се гледаат и по 3.000, не може да се добројат. Штета, навистина, зашто имаме многу добро небо. На Запад може само да сонуваат вакво. Наместо да го имаме грдиот крст на Водно, треба да ставиме опсерваторија, да донесеме деца да гледаат ѕвезди, подвлекува овој голем љубител на астрономијата, вели Радан.

Криза во размислувањето

За него е смешна, бизарна и погубна идејата дека Земјата е рамна, особено ако се знае дека некој го измерил нејзиниот обем пред 2.200 години, најпрво мисловно, претпоставувајќи дека е тркалезна, а потоа и емпириски, само со еден процент грешка (отстапка) од денес утврдениот со најсовремени инструменти.

-Денес многу често различни квазиавторитети излегуваат на национални телевизии и велат дека два и два се пет или 68. Имав средба со еден наш поранешен премиер. Доаѓа и ми вели дека постои теорија според која Земјата е рамна. Пазете, поранешен премиер на државата тоа го вика. На плоштад, тука. Доаѓа и вели дека голема е веројатноста Земјата да е рамна, а не тркалезна. Нему тоа му било поверојатно. Човек кој како премиер ја пропатувал Земјата. Бил во Австралија, Америка, Канада…, посочува Радан.

Негов став е дека Фејсбук е добар зашто дава многу информации, но е и лош зашто од тие информации многу малку се точни. Над 90 отсто од информаците на интернет се неточни или полуточни и може да ве доведат до погрешен заклучок, смета нашиот соговорник.

-Живееме во т.н. dream society, каде што сè е соџвакано и многу лесно доаѓаат до израз „теориите на заговор“. Ако си малку паметен, ќе седнеш и ќе проверуваш дали е нешто вистина, ако не, стануваш верник. Апсолутно има криза во размислувањето, и тоа како. Затоа имаме луѓе кои се навреда на интелигенцијата, кои не би смееле да бидат ниту државни службеници од ниска категорија. Во 21 век некој да зборува дека деца не треба да се вакцинираат, на пример, е катастрофа. Муабетот ми е дека граѓаните треба да се занимаваат со конкретни прашања, да читаат, да анализираат, да истражуваат, да преиспитуваат, а не да веруваат во она што министрите или други наводни авторитети го велат. Само така ќе направиме примерно граѓанско општество, а не со криење зад „националните работи“ дека Македонија е света земја, бла, бла, бла…, дополнува Радан.

Школите да се именуваат по научници

Единствено науката може, но и мора да ги разобличува работите. Но, науката е само еден дел од општеството. Не само Македонија, целиот Балкан, смета Радан, се соочува со вид криза во образованието.

– Сметам дека основата на проблемот е религијата која длабоко се одразува врз општеството. Ве тера, не самостојно да размислувате, туку да верувате. По падот на комунистичкиот режим, религијата бележи длабок подем и тоа многу негативен, најпрво во образованието. Т.н. верско образование се прикрива преку т.н. граѓанско општество, а и сè уште има случаи кога свештеници доаѓаат во школи. Потоа, се даваат имиња на училишта и болници по светци, се прават школски слави, што за мене лично е неприфатливо. За мене е неприфатливо некое училиште да се вика „Свети Сава“ колку тој и да бил „светец“. За мене некое школо треба да се нарекува Никола Тесла, Михајло Пупин, Паскал Сотировски…, по име на некој научник, истакнува Митровиќ.

Проблемот кај науката, додава, е во тоа што се занимава сама со себе. Не се рекламира, ниту се наметнува.

-Според мене, треба да се воведат предмети за критичко размислување. Да не ме слушаат мене што зборувам или некој друг и да мислат дека сум 100 отсто во право. Туку јас ќе ви ја дадам информацијата, а вие обидете се да најдете дел од она што сум кажал, некоја книга или артикл на интернет, за да формирате свое мислење. Не од моето мислење да формирате ваше, вели Радан.

Скопското астрономско друштво одбележа 20 години постоење

Засега, астрофизика во Македонија може да се изучува само на Природно-математичкиот факултет. Како што посочува Радан, на овој отсек се запишуваат помалку од пет студенти годишно, но имало случај и кога не се запишал никој.

Љубителите на астрономијата може да стекнат и неформално „образование“ преку редовните предавања што ги организира Скопското астрономско друштво на Електротехничкиот факултет. Се третираат различни теми: „Има ли живот на другите планети?“, „Од Ајнштајн до гравитациски бранови“, „Астрофизички црни дупки и Хокингово зрачење“, „Потрага по ‘Божјата честичка’“, „Потрага по Земја 2.0“, „Живот на Марс“, „Космологија: мит и наука“, „Темниот универзум“, „Вонземска интелигенција?“…

Сепак, интересот за астрономија се сведува на постојани од 100 до 120 посетители.

-Предавањата почнуваат секоја есен. Повеќе од 15 години се организираат. На почеток имаше 30 – 40 посетители, а сега бројот надмина 100. Најчесто доаѓаат студенти, над 50 отсто, малку има и основци, како и 20 – 30 проценти вработени, од 30 години нагоре.

Луѓето имаат потреба да слушнат нешто ново, иако тоа што го кажуваме ние може да се најде и на интернет, но за да се побара можеби се потребни 20 или 30 часа, а ние ќе му го раскажеме во еден час. Јас лично сум седел со часови на интернет, сум читал различни предавања од универзитетски професори. Во оваа смисла би повторил дека е неопходно критичко размислување. На тоа се базираат и сите наши предавања. Ние кажуваме само дел од она што го знаеме, практично пренесуваме туѓо знаење зашто никој од нас не работи во институти, никој нема научни истражувања, но имаме навистина големи познавања, следиме доста работи, нагласува нашиот соговорник.

Скопското астрономско друштво има годишен буџет од 1.000 или 2.000 евра годишно. Опстојува од членарината и од скромните средства што ги собира од предавањата. Располага со добри телескопи, барем споредувајќи се со регионот. Има вкупно шест, што, според Радан, е сосема доволно за едно друштво големо колку Скопското.

-Во однос на опремата котираме одлично во регионот, исто и во однос на знаењето. Имаме многу добро познавање, посебно во делот на набљудувањето, истакнува Митровиќ.

Овој месец, со изложба на сопствени астрофотографии, Скопското астрономско друштво одбележа 20 години од основањето.

Мирјана Чакарова

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП