Потрошувачките цени во Соединетите Амрикански Држави во мај малку се зголемија, како последица на растот на трошоците за домување, покажуваат податоците на американското Министерство за труд.
Потрошувачките цени во САД во мај се зголемија за 0,1 проценти, во однос на април, и за 1,4 проценти во однос на истиот месец од претходната година, се наведува во соопштението, пренесува агенцијата Франс Прес.
Зголемувањето на трошоците за домување од 0,3 проценти, вклучувајќи го изнајмувањето на станови, сочинува повеќе од половина од растот на потрошувачките цени.
Енергетските трошоци се зголемија за 0,4 проценти, а цената на храната се намали за 0,3 проценти, што е најголемиот пад од јули 2009 година.
Кога ќе се отстранат трошоците за храна и енергија, кои се променливи, клучниот индекс на потрошувачките цени (ИПЦ) е зголемен за 0,2 проценти, двојно повеќе во однос на растот од март и април.