3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПариз подготвен за протестите, оклопни возила и полицајци распоредени низ улиците

Париз подготвен за протестите, оклопни возила и полицајци распоредени низ улиците

Француските сили од рано утрово се распоредени во Париз, каде за денеска е закажан нов протест на „Жолтите елеци“. Властите стравуваат дека протестите повторно ќе бидат проследени со нереди и насилство. Поради тоа, на улиците се распоредени оклопни возила.

Во Париз денеска се затворени 36 метро станици, како и многу продавници. Исто така, денеска нема да работат Ајфеловата кула и музејот „Лувр“.

Локалните медиуми наведуваат дека францускиот претседател, Емануел Макрон, денеска ќе остане во Елисејската палата од каде што ќе ја следи ситуацијата, а се очекува тој да ѝ се обрати на нацијата во текот на следната недела.

Владини претставници велат дека 89.000 полицајци и членови на жандармеријата денеска ќе бидат мобилизирани низ целата земја. Само 8.000 ќе бидат распоредени во Париз.

Банките, продавниците и рестораните од вчера се подготвуваат и се обидуваат да го заштитат својот бизнис од утрешните евентуални напади со поставување даски на излозите. Ваквите подготовки доаѓаат по најголемите немири што Париз ги видел во последните 50 години, што се случија минатата сабота. Група демонстранти од движењето „Жолти елеци“ ограбуваа продавници, палеа возила и се судрија со полицијата. Протестите на „Жолтите елеци“ почнаа како протест против предлог-законот за зголемување на даноците за дизел и бензин, а движењето беше именувано по жолтите елеци што ги носеа демонстрантите, кои возачите мора да ги имаат во своите автомобили.

Сепак, протестите ја надминаа нивната првична цел и станаа насочени против Владата. Демонстрантите го насочија својот гнев кон претседателот Емануел Макрон, кого го обвинија дека нема контакт со реалноста. За Владата демонстрантите велат дека тоа е елита и дека нема претстава како живее остатокот од земјата. Макрон од средата, откако го укина предлогот за нови високи даноци на горивата, е тивок во јавноста. Француските медиуми цитираа владини претставници кои рекле дека претседателот не сака дополнително да ја разгори ситуацијата со обраќање до јавноста пред утрешните протести.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП