Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во придружба на министерот задолжен за странски инвестиции, Бардул Даути, и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, ја посети компанијата „Комфи Ангел“ во Прилеп.
По средбата со менаџментот на компанијата и увидот во производствениот процес, вицепремиерот Анѓушев истакна дека „Комфи Ангел“ е една од компаниите што ги задоволуваат условите за користење на средствата од Законот за финансиската поддршка на инвестициите и компанија со која Владата има склучено договор за финансиска поддршка.
„Комфи Ангел“ е одлична компанија, со извозно ориентирано производство и работи за реномирани светски брендови и очекуваме дека со ваквата поддршка тие ќе ги зголемуваат своето производство и извозот. Оваа година ќе бидат поддржани над 100 компании, а за в година имаме проектирано 36 отсто повеќе средства за поддршка на македонското стопанство“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Од „Комфи Ангел“ велат дека ова е првпат компанијата да добие финансиска помош од Владата по 14 години постоење и работење.
„Тоа ќе биде голема помош за нас компаниите, да се едуцираме и информираме, што значи да не ги кршиме регулативите. Глобата не носи ефект ни за државата ни за компанијата, таа има едностран импакт. Многу е поквалитетно и подобро кога некој ќе ви укаже на кој начин треба да ја имплементирате регулативата и тоа со цел да ги градиме своите бизниси на посакуваното ниво“, изјави Ирена Јакимовска, косопственик на „Комфи Ангел“.
Во насока на градење стабилна и здрава економска клима со балансирана поддршка на домашните компании, но и континуиран фокус на странските, Анѓушев оваа година ја оцени како успешна од аспект на странски директни инвестиции.