1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВечерва отворање на првата новогодишна населба во Скопје

Вечерва отворање на првата новогодишна населба во Скопје

Град Скопје за вечерва најави отворање на новогодишната населба „Винтерленд“ на плоштадот „Македонија“. Од Градот велат дека новогодишните куќички ќе придонесат за уникатно празнично расположение во пресрет на новогодишните празници.

„Во новогодишната населба со украсени куќички има катчиња за игра и смеа, како и мала сцена на која ќе се организираат настани кои ќе го привлечат интересот на посетителите, без разлика на возраста. Ќе има и топ за вештачки снег, со што ќе се дополни зимската слика. Во населбата ќе има катчиња за детски игри, како и разновидни содржини од новогодишен карактер. За вљубениците во зимските спортови, пак, во населбата ќе биде поставено и лизгалиште на мраз“, соопшти Град Скопје.

Во централниот дел на новогодишната населба „Винтерленд“ е поставена елка која ќе светне вечер во 19 часот. Просторот околу елката е организиран како дел за храна и пијалаци, каде што граѓаните ќе може да седнат и да уживаат во понудата на околните куќички.

Осветлувањето на елката вечерва ќе го придружува настап на средношколскиот хор составен од 120 ученици од девет средни училишта на Град Скопје, кои околу половина час ќе изведуваат божикни песни. Средношколците на плоштадот „Македонија“ ќе пристигнат придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар кој ќе изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, се до плоштадот „Македонија“.

На отворањето на новогодишната населба „Винтерленд“ и на осветлувањето на новогодишната елка вечер ќе присуствува и градоначалникот Шилегов кој ќе го означи почетокот на новогодишното празнување во Скопје.

Градот Скопје ги повикува сите граѓани да дојдат на плоштадот и да уживаат во новогодишната магија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП