20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИстражување: Лошиот квалитет на живот во Македонија ги поттикнува младите да размислуваат...

Истражување: Лошиот квалитет на живот во Македонија ги поттикнува младите да размислуваат да се иселат

Дури 77 отсто од младите кои живеат во Република Македонија размислуваат да се иселат, пред се во земјите членки на Европската Унија, а причините за тоа ги наоѓаат главно во лошиот квалитет на живот во нашата земја, покажува истражувањето спроведено од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), кое се заснова на анкета на млади лица на возраст од 15 до 29 години.

Директорката на ЦИКП, Марија Ристеска на денешната тркалезна маса на тема „Европска интеграција и младинска мобилност: како од одлив до прилив на кадар?“ рече дека посебен интерес им било да испитаат дали европската интеграција има поврзаност со младинската мобилност, со оглед на фактот што Европската Унија обезбедува различни програми на мобилност на млади.

-Резултатите од истражувањето покажуваат дека нема директна врска, односно дека Европската интеграција нема да придонесе директно кон иселување на младите, но може да влијае позитивно на зголемување на човечкиот капитал, во смисла да обезбеди образование, вештини и знаење кои што младите би ги добиле во странство, рече Ристеска.

По направената анализа на политиките, како што вели таа, политиките за млади воопшто не одговараат на потребите што ги имаат.

– Првенствено имаме многу малку механизми со кои одговараме на потребата на младите да бидат вклучени во процесите на креирање политики, мала вклученост на младите во целокупното општествено живеење и нивното признавање како значаен актер во општеството, а има и многу малку расположливи средства за имплементација на политиките за млади, посочи Ристеска.

Амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние рече дека секогаш треба да се најде начин како младите да се задржат за да можат да творат во изградба и иднината на земјата, затоа што, како што посочи, тоа е и во насока на реформите што се спроведуваат во земјава. Но исто така, според него, тоа е во интерес и на Европската Унија затоа што, како што вели „нема да интегрираме земја која што ќе биде празна, односно во која што нема да постојат младите сили“.

Тимоние додаде дека е многу важно реформите што се во тек успешно да бидат завршени и токму затоа оваа студија е битна бидејќи истата може да придонесе кон приближување на земјата кон Европската Унија.

Директорот на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски рече дека Министерството за труд и социјална политика имплементира „младинска гаранција“ во насока да им најде на младите квалитетни работни места и да им овозможи пракса, доедукација и други позитивни мерки кои што заедно со Владата на РМ ги спроведува конкретно за младите и кои имаат за цел да го подобрат младинскиот стандард.

Заменик министерот за образование, Петар Атанасов посочи дека Министерството заедно со образовните институции работат на подигнување на квалитетот на образованието, пред се во неговата практичност и стручност. Додаде дека во овој момент спроведуваат неколку големи проекти во кои овозможуваат на ниво на средно образование младите да бидат што постручни и покомпетентни за да можат сами да се развиваат и да си ги исполнуваат своите професионални карирери.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП