17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје ги продолжи субвенциите за чистење оџаци

Град Скопје ги продолжи субвенциите за чистење оџаци

Град Скопје го продолжи доделувањето субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.

„Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје“, велат од таму.

Досега за субвенции за чистење на оџаците се доставени околу 230 барања од граѓаните. Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, по донесување на решенијата за усвојување на барањата од градоначалникот на Град Скопје.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека критериумите за добивање субвенции се исполнети, барателот до Градот Скопје треба да ги достави следните документи: барање за надоместок (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Градот: www.skopje.gov.mk); доказ за жителство во град Скопје: Фотокопија од лична карта или пасош; доказ за правен субјект: тековна состојба не постара од 6 месеци; потврда за реализирано чистење на оџак, потпишана од стручното лице што го исчистило оџакот; фискална сметка од фирмата регистрирана за дејност чистење оџаци (шифра 81.22 согласно со Националната класификација на дејности) и фотокопија од трансакциска сметка / жиро-сметка.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје бул.Илинден бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

„Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Градот Скопје, е нарушениот квалитет на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на домовите кои не се приклучени на централно греење, пред се заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците“, велат од Град Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП