29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија домаќин на состанокoт на Советот на министри на Енергетската заедница

Македонија домаќин на состанокoт на Советот на министри на Енергетската заедница

Претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со вицепремиерот Кочо Анѓушев и претседавачот на Министерскиот Совет и министер за економија, Крешник Бектеши, денеска го отворија 16-тиот состанок на Советот на министри на Енергетската заедница.

Посакувајќи им успешна работа на министрите од земјите членки на Енергетската заедница, премиерот Заев истакна дека мисијата на оваа заедница да воспоставува стабилна регулаторна и пазарна рамка, способна да привлече инвестиции во производство на електрична енергија и мрежи, е од клучна важност за сите земји членки на заедницата кои се стремат да бидат дел од семејството на Европската Унија.

„Работата на Енергетската заедница секогаш треба да се гледа од аспект на интересот на граѓаните и токму затоа создавање интегриран енергетски пазар кој овозможува прекугранична трговија со енергија и интеграција со пазарот на ЕУ е од суштинско значење за нив. Тоа значи безбедно снабдување за да се обезбеди стабилен и континуиран пристап на енергијата до граѓаните и до компаниите, што е од суштинско значење за економскиот развој и социјалната стабилност“, рече Заев.

Понатаму, во своето обраќање пред присутните, премиерот посочи дека од суштинска важност е да се поттикнува употребата на обновливи енергии и на енергетски ефикасни решенија, како и да се развива конкуренцијата и соработката на регионално ниво. Притоа премиерот Заев додаде и дека либерализацијата и реформите во националните енергетски сектори и пазари на енергија, носи бројни придобивки за граѓаните, како и нови можности за бизнисот и за инвеститорите.

Заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, од своја страна истакна дека соработката во регионот е важна за енергетиката бидејќи таа не може да ги следи границите на државите коишто се територијални. Енергетиката, како што рече тој, е област која што само административно познава граници.

„Нашиот регион е премногу мал за сите ние да правиме поединечни берзи и аукции, така што правецот во којшто се движат работите во делот на енергетиката да има регионален пристап е вистинското решение. Лично се надевам дека брзо ќе дојде денот кога ќе се формира една регионална берза на електрична енергија и една куќа за аукции на крос-бордер капацитети во делот на енергетиката, бидејќи тоа е правото решение за проблеми коишто во моментов ги имаме“, рече меѓу другото вицепремиерот Анѓушев.

Во своето воведно излагање како претседавач на 16. состанок на Советот на министри на Енергетската заедница, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека оваа година била од исклучително значење за Македонија како земја – претседавач по третпат од влегувањето во сила на Договорот за основање на Енергетска заедница.

„Ги исполнивме приоритетите што ги одредивме на претходниот министерски Совет во Приштина. Би сакал да потсетам на нашите приоритети за време на претседателствувањето: да се заокружи процесот на дополнување на Договорот за Енергетска заедница; да се забрза напредокот за целосна транспозиција и имплементација на Третиот пакет на директиви за електрична енергија и природен гас, целосно да се спроведат мерките за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија во земјите од Западен Балкан и да се поттикне договор за климатските и енергетските цели на Енергетската заедница за 2030 година“, заклучи Бектеши.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП