23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБектеши ја додели eдинаесеттата годишна Национална награда за најдобри општествено одговорни практики

Бектеши ја додели eдинаесеттата годишна Национална награда за најдобри општествено одговорни практики

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска присуствуваше на единаесеттата традиционална годишна манифестација – Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија, во организација на Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност (КТООП).

„Деловната заедница во Република Македонија станува комплетно свесна дека секоја водечка компанија треба да биде општествено одговорна. Прво, затоа што тоа е во интерес на претпријатијата, бидејќи обезбедува придобивки за компаниите во управувањето со ризикот, заштедите на трошоци, пристапот до капитал, односите со клиенти, управувањето со човечки ресурси и нивната способност за иновации. Потоа, затоа што концептот на опшстествената одговорност е во интерес на националната економија, создавајќи поодржливи и иновативни компании, но и на економијата на ЕУ – онаму каде што сакаме да бидеме. И трето, општествената одговорност е во интерес на општеството, на заедницата во која живееме, бидејќи нуди збир на вредности врз кои можеме да изградиме покохезивно општество и да ја продолжиме транзицијата кон одржлив економски систем“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши, на единаесеттата традиционална годишна манифестација – Национална награда за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата во Македонија.

Како што соопштија од Министерството по завршувањето на манифестацијата, годинава за оваа награда на конкурсот беа пријавени 38 проекти, од 25 претпријатија, а радувал и фактот, велат оттаму, што бројот на мали и средни претпријатија кои аплицираат со општествено одговорни проекти се зголемува, па дури и го надминува бројот на големи фирми, така што годинава односот е 13 мали и средни наспрема 12 големи претпријатија, додека според бројот на проекти, големите претпријатија се во предност или во бројки тоа е 23 наспрема 15.

И оваа година аплицирале 7 новодојдени во друштвото на искусни општествено одговорни претпријатија, што покажува дека интересот за Националната награда континуирано расте, се додава во соопштението.

„Секоја година има стабилен број на претпријатија кои првпат аплицираат за наградата и од нови сектори во стопанството. Тоа покажува дека претпријатијата ги следат позитивните примери од своите конкуренти и сè почесто ги применуваат општествено одговорните практики во своето деловно работење. Особено сме задоволни што во категоријата ‘Однос кон вработените’, е констатиран евидентен напредок на поднесените проекти. Во оваа категорија годинава претпријатијата конкурираат со проекти кои пред сè се однесуваат на благосостојбата на вработените“, истакна претседателот на КТООП, Александар Николов, во своето излагање.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП