19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗападен Балкан во заедничка акција за животната средина и климата

Западен Балкан во заедничка акција за животната средина и климата

Министерството за животна средина и просторно планирање беше домаќин на третиот министерски панел за животна средина и климатска акција во Западен Балкан, кој денес се одржа во Скопје како заедничка активност на Советот за регионална соработка и Министерството за животна средина и просторно планирање на Македонија.

„Ние го сметаме одржувањето на овој состанок на регионалната работна група како круцијален во остварување резултати во полето на одржливиот развој на ниво на сите економии од Западен Балкан, генерално преку имплементирање на целите за одржлив развој во линија со националните и регионалните приоритети и Стратегијата на Југоисточна Европа 2020“, истакна министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку, во своето обраќање на панелот, нагласувајќи дека многу значајно го смета зајакнувањето на политиките и оперативните врски помеѓу животната средина и другите сектори, како што се климатските промени, но и подобрувањето на врските помеѓу министерствата одговорни за животна средина и министерствата одговорни за енергетика, земјоделство, води, транспорт и други ресори.

Дураку во своето излагање ги потенцира резултатите од работната група за биодиверзитет, која се одржа во текот на вчерашниот ден, и најави нивна презентација во текот на конференцијата, потоа прогресот на двата проекта: Clima Proof, климатска отпорност за развој на инфраструктура за транспорт, и Nexus%, за критичните поврзаности помеѓу водите, енергија и сигурност на храна, за кои е веќе воспоставено финансирање од Австриската развојна агенција и фактот дека на оваа регионална средба ќе се иницира имплементација на акции на димензијата за животна средина на Стратегијата 2020 на Југоисточна Европа поврзана за прекугранично управување со водните ресурси.

На конференцијата свое обраќање имаше и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, кој во своето обраќање истакна дека во земјата се одвиваат неколку важни активности, а тоа се изработка на заедничка стратегија за енергетика и клима, имплементација на законот за енергетика, кој е во потполност усогласен со препораките на Енергетската заедница, а меѓу другото, тој исто така изјави дека почнала и изработката на 4. национален план и третиот БУР за климатски промени, со што Македонија е во напредна фаза во однос на другите земји од регионот.

„Донесена е стратешка одлука намалувањето на аерозагдувањето да е стратешка програма на Владата. Бидејќи постои цврста врска помеѓу аерозагадувањето и климатските промени, активностите во рамките на стратешката програма на Владата ќе придонесат и за постигнување на барањата од парискиот договор и ЕУ-таргетите за климатските промени“, истакна Макрадули, меѓу другото, во својот говор.

Обраќања имаа и Горан Свилановиќ, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, и Никола Бертолини, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, по што следуваше клучната белешка од Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница. На средбата е усвоена декларација на државите од Западен Балкан за животната средина и климатската акција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП