19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНиколовски: Пет милиони евра повеќе за капитални проекти во водостопанството во 2019-та

Николовски: Пет милиони евра повеќе за капитални проекти во водостопанството во 2019-та

Новиот предлог-буџет за 2019 година за секторот земјоделство предвидува мерки и политики што се во насока на унапредување на земјоделството преку зголемување на обработливите површини, создавање услови за модерно и конкурентно земјоделско производство, порача на денешната прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Вкупниот буџет за секторот земјоделство, кој подразбира неколку институции, е во износ од 10,5 милијарди денари. Во оваа сума спаѓаат основните буџети на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Платежната агенција, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Управата за хидрометеоролошки работи.

Николовски потенцира дека сите основни буџети на овие институции се планирани така да може да обезбедат сервисирање на тековните потреби на секторот земјоделство, пред сè, навремена исплата на субвенциите и другите финансиски поддршки, реализација на крупните капитални инвестиции во водостопанството, рурален развој, кофинансирање за европските фондови и друго.

Повеќето од средствата, односно над 8,5 милиони денари, се алоцирани во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како институција преку која се исплаќа финансиската поддршка за земјоделството, но и ќе се реализираат одредени капитални проекти во водостопанството. Вкупната финансиска поддршка за земјоделството за 2019 година, планираната вкупна финансиска поддршка за секторот земјоделство, за следната година е над 8,5 милијарди денари, пари што директно ќе се вложат во развој на овој сектор. Во оваа сума спаѓаат директната поддршка, мерките за рурален развој и националното кофинансирање за европската ИПАРД.

„Конкретно, над 6,6 милијарди денари ќе бидат наменети за комплетна, навремена и неселективна исплата на финансиската поддршка од програмата за директни плаќања. Следејќи ги политиките на ЕУ, создаваме услови за модерно и конкурентно земјоделско производство преку мерки што значат инвестиции во земјоделството. Тоа ќе го постигнеме преку Програмата за рурален развој и европската ИПАРД-програма. На мое големо задоволство за в година речиси 148 милиони денари ја зголемивме сумата за мерките од Програмата за рурален развој (односно за оваа намена се планирани над 1,7 милијарда денари за разлика од годинашните 1,6 милијарда денари). В година обезбедуваме 90 милиони денари повеќе за националното кофинасирање за ИПАРД или 150 милиони денари за разлика од годинашните 60 милиони денари“, порача министерот Николовски.

Притоа додаде дека со зголемувањето на сумите за овие две програми создаваме услови за инвестиции во земјоделството, во преработувачки капацитети, производство на производи со поголема додадена вредност, поддршка за руралната инфраструктура, промоција на македонските земјоделски производи, инвестиции во подигање повеќегодишни овошни и лозови насади, набавка на приплодни грла, субвенции за млади земјоделци и други мерки, што крајно ќе значат и поголем приход за земјоделците.

За 2019 година во Програмата за водостопанството, која е во склоп на буџетот на МЗШВ, се предвидени 290 милиони денари повеќе за разлика од годинава. Односно, наместо годинешните 138 милиони денари, за в година за оваа програма се планирани речиси 428 милиони денари.

„Како покрупни ќе ги издвојам Проектот за наводнување на Јужновардарската Долина – втора фаза за кој вложуваме 184 милиони денари, потоа 26,7 милиони денари се наменети за хидросистемот ‘Лисиче’. За хидросистемот ‘Злетовица’ за в година сумата за реализација е зголемена на 212 милиони денари. Секако, од големо значење се и другите крупни капитални инвестиции за кои се обезбедени пари преку Платежната агенција, како што се изградба на браната ‘Конско’, изградба на системот за наводнување ‘Равен Речица’, рехабилитација на пунктната станица ‘Дебар’. Сите овие проекти се од исклучително значење за регионите и ќе придонесат за зголемување на наводнуваните површини“, изјави министерот Николовски.

В година шумарскиот сектор ќе се поддржи со речиси 194 милиони денари, од кои 17,2 милиони за проширена репродукција на шумите, а преостанатата сума е за зачувување и обновување на шумскиот фонд во Македонија. Со цел обезбедување квалитетна и безбедна храна за граѓаните за фитосанитарната програма се алоцирани вкупно 7 милиони денари, односно еден милион денари повеќе од годинава.

Николовски порача дека крајната цел на сите мерки планирани со буџетот за 2019 година за земјоделството е да се создадат услови за поголемо и поконкурентно производство и повисоки приходи за земјоделците.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП