Комисијата за распределба на станови за социјално ранливи категории на граѓани составена од вработени во Министерството за транспорт и врски и од Министерството за труд и социјална политка изврши прелиминарна распределба на вкупно 53 станови.
Распределени се 43 станови во општина Кочани во станбена зграда на улица Ѓорче Петров и 10 станови во општина Македонски брод, во станбена зграда на улица Партизанска.
До крајниот рок за поднесување на потребната документација, во Центарот за социјални работи во Кочани аплицирале вкупно 76 граѓани, од кои валидна документација имале 60 граѓани. До Центарот за социјални работи во Македонски Брод аплицирале вкупно 42-ца граѓани, од кои валидна документација имале 25.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека распределбата е прелиминарна и не е конечна. Комисијата веќе започна со увид кај лицата кои се наоѓаат на прелиминарната листа и по извршениот увид ќе се утврди конечната листа со добитници на овие станови.
Според огласот што Министерството за транспорт и врски го објави во јули годинава, право на учество имаа седум категории на граѓани и тоа деца без родители или родителска грижа –лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители, корисници на социјална или постојана парична помош, лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта, инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, потоа лица припадници на Ромската заедница социјално загрозени, согласно Стратегијата за ромите на Република Македонија како и самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош.