26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАО2 Иницијатива: Владата мора да го вклучи проблемот со загадениот воздух во...

О2 Иницијатива: Владата мора да го вклучи проблемот со загадениот воздух во буџетот или да си поднесе оставка

Вчерашната презентација на предлог-буџетот на РМ за 2019 година на ниту едно место не ја спомнува заштитата на животната средина и намалување на загадувањето, тврдат од Иницијативата О2.

„Комплетниот дебакл што оваа Влада го доживеа во однос на справување со загадувањето и заштита на природата, овој предлог-буџет само го констатира. После година и пол од формирање, две години од изборите, оваа Влада комплетно потфрли и не го спроведе она што го вети во областа на животна средина“, се наведува во нивното соопштение.

Како што наведуваат од “О2 Иницијативата”, како итни реформски приоритети во првите 6 месеци, требало да се воспостави Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина.

„Не само што не се оствари ова ни после година и пол, туку со минатонеделниот ребаланс на буџетот за 2018 се скратија над 2 милиони евра за заштита на животна средина. А се гушиме во загадување, мониторинг станици не работат, инспектори нема доволно, нема опрема за мерење, нема акредитирани лаборатории, нема доволно и адекватни субвенции за премин на домаќинствата во загревање кое нема да загадува, нема соодветен јавен транспорт што би ја намалил употребата на возила, законите стојат во место, правилници и уредби не се носат… И ова е само во областа на аерозагадувањето. Тонеме“, сметаат од Иницијативата.

Оттаму велат дека за парадоксот да биде поголем, во 2016 година се собрале над 183 милиони евра во даноци (такси) поврзани со животната средина.

„Ни лани, ни оваа година собраните средства не ги користите наменски, туку за долгови на општини, за полнење дупки во буџетот. Средствата имаат точна намена – подобрување на квалитетот на животната средина“, велат од “О2 Иницијативата” во јавното обраќање до властите.

„Имате ли одговорност за она што сте го ветиле, совест за влијанието на загадувањето врз сите жители на оваа држава, срам дека со парите наместо да го решите загадувањето во најбрз можен рок, вие ги користите за други цели. Тоа се вели крадење од здравјето на граѓаните, на децата“, додаваат од Иницијативата.

Оттаму бараат итно да се измени буџетот за 2019 година, и во Владината програма „Унапредување на животната средина“ да се внесе посебна потпрограма – „Справување со аерозагадувањето“ и најголем дел од средствата од собраните даноци поврзани со животната средина да се наменат за, како што велат, најгорливото прашање – аерозагадувањето.

Од “Иницијативата” сметаат дека за една година во најзагадените градови воздухот може да се доведе во граници на дозволено годишно ниво.

„Во спротивно бараме да си поднесете оставка и да оставите простор најгорливиот проблем на граѓаните, заштитата на нивниот живот и здравје, да го оставите на некој друг, кој искрено ќе се грижи за тоа“, наведуваат оттаму.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП