19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку пари ќе собере Владата наредната година со прогресивното оданочување

Колку пари ќе собере Владата наредната година со прогресивното оданочување

Министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска на заедничка прес конференцијата во Владата ги промовираа даночната и пензиско-социјалната реформа. Преку напуштање на политиките на рамен данок и воведување на прогресивно праведно даночење во буџетската 2019 година се планира да се соберат околу 25 милиони евра во буџетот со кои ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата односно за спроведување на минималниот гарантиран приход со кој ќе се извлекуваат луѓето од сиромаштија и ќе се активираат на пазарот на трудот.

Со даночната реформа се планира воведување на дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%.

„Корист од рамниот данок имаат само најбогатите. Тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваа многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните. Тој им дозволи на најбогатите да се богатат уште полесно, оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи своите основни потреби за живот. Праведниот данок и оди во прилог на целата економија и на сите граѓани“, истакна министерот Тевдовски во своето обраќање кој потенцираше дека праведното оданочување е стандард кој го применуваат најуспешните економии како што се некои од земјите во ЕУ и САД.

Тевдовски објасни дека прагот од 90.000 денари ги опфаќа 1% од најдоходовните граѓани во Република Македонија за кои рече дека имаат даночна ефективна стапка која е пониска од онаа на останатите граѓани, заради што всушност и се воведува праведното оданочување, бидејќи како што рече не е фер оние што добиваат од општеството најмногу, да плаќаат најмалку.

„Предлагаме воведување дополнителна стапка од 8% за делот од доходот кој надминува 90.000 денари месечно. Ова значи дека за доходот до 90.000 денари месечно, данокот би останал 10% како и до сега, додека само на делот на доходот кој надминува 90.000 денари, би се плаќале дополнителни 8%. На пример, на месечна даночна основа од 100.000 денари, за 90.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 10%, додека за 10.000 денари ќе се плаќа данок по стапка од 18%“, рече министерот Тевдовски и порача дека за мнозинството граѓани даночната стапка ќе остане иста.

Министерот Тевдовски рече дека од воведувањето на прогресивното фер оданочување во буџетот ќе се слеат околу 25 милиони евра со кои ќе бидат финансирани мерки за намалување на сиромаштијата, односно за мерката минимален гарантиран приход со која освен што ќе се извлекуваат примателите на социјална помош од сиромаштија и ќе се подготвуваат за пазарот на трудот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП