Иран побара уверување од европските земји дека ќе добие поддршка, во позадина на намерите на Вашингтон да ги зголеми санкциите врз виталната иранска продажба на нафта, за да го принуди Техеран да се откаже од своите нуклеарни, ракетни и регионални активности, пренесува „Ројтерс“.
Министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф зборувал по телефон со Федерика Могерини и нејзините колеги од Германија, Шведска и Данска за европските контрамерки на американските санкции, посочува иранската државна новинска агенција „IRNA“.
„Могерини и европските министри … го истакнаа значењето на ангажманот на министрите за финансии на европскиот финансиски механизам за спасување на нуклеарната зделка и изјавија дека механизмот ќе биде активиран во наредните денови“, пренесува агенцијата.
Вашингтон повторно ќе воведе санкции за иранскиот нафтен и банкарски сектор во понеделник.
Дипломатите изјавија за „Ројтерс“ оваа недела дека новиот механизам на ЕУ за олеснување исплатите на иранскиот извоз треба да стапи во сила до 4-ти ноември, кога ќе почне и следната фаза од санкциите на САД, но нема да функционира до почетокот на следната година.
ЕУ, Франција, Германија и Велика Британија направија заедничко соопштение во петокот, со што посочија дека жалат за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да ги зголеми санкциите против Иран, третиот по големина извозник на нафта во светот.
„Нашата цел е да ги заштитиме европските економски играчи кои имаат легитимна трговска размена со Иран, во согласност со европското законодавство и резолуцијата на Советот за сиурност на ОН – 2231“, коментираа Могерини и министрите за надворешни работи на трите земји.
Трите најголеми европски сили, заедно со Русија и Кина, во 2015-та година потпишаа меѓународен договор со Иран. Во рамките на договорот Техеран се обврзува да остапи од своите нуклеарни случувања во замена за укинување на повеќето меѓународни санкции.