26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА30 милиони евра од Светската банка за унапредување на човечкиот капитал

30 милиони евра од Светската банка за унапредување на човечкиот капитал

Вчера почна реализацијата на проект во вредност од 30 милиони евра од Светската банка за унапредување на човечкиот капитал. Станува збор за проектот за подобрување на социјалните услуги.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, вели дека со овој проект ќе се зголеми опфатот на децата во градинките и ќе се овозможат подобри социјални услуги и инклузија.

,,Опфатот на децата во градинки во Македонија e речиси 30 отсто. Владата има цел опфатот да изнесува 50 отсто. Новиот проект со Светската банка за подобрување на социјалните услуги несомнено ќе даде голем придонес во тоа. Проектот е насочен кон подобрување на претшколското образование, зголемување на неговиот опфат, како и подобрување на квалитетот на социјалната и детската заштита“, рече Тевдовски на денешната конференција ,,Поттикнување економски раст преку развој на човечкиот капитал во земјите од Западен Балкан“.

Според Линда ван Гелдер, регионален директор на Светската банка за Западен Балкан, владите играат клучна улога во креирањето еднакви можности за сите граѓани.

„Многу сум задоволна што Владата избра да соработува со Светската банка за да ги зајакне инвестициите во човечкиот капитал. Неодамна одобрениот проект за подобрување на социјалните услуги ќе ги прошири снабдувањето и подобрувањето на пристапот до добро насочени социјални бенефиции и услуги за образование во раното детство. Тоа ќе ја зајакне испораката на услуги за социјална и детска заштита. Овој комбиниран пристап ќе ги подобри интеграцијата и вклучувањето на ранливите деца. На крајот на краиштата, овие услуги ќе го отворат патот за развој на поконкурентни и поспособни граѓани и ќе придонесат кон затворање на празнините во можностите и социјалната инклузија за сите“, истакна Гелдер.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, вели дека со проектот за подобрување на социјалните услуги ќе се постигнат значајни резултати што се во согласност со тековната реформа за социјална заштита и заштитата на децата.

„Ќе ги зголемиме пристапот и квалитетот на социјалните услуги вклучувајќи ги и предучилишните услуги. Ќе создадеме дополнителни 7.500 нови места во предучилишните установи преку изградба на нови објекти и пренамена на постојни јавни објекти како во урбаните така и во руралните подрачја. Со проширувањето на мрежата на предучилишни установи ќе го зголемиме опфатот на деца од 3 до 6 години во предучилишните установи на 46,5 отсто“, вели Царовска.

Со имплементацијата на проектот се очекува и повеќе од 3.000 корисници да имат бенефит од новите вониституционални социјални услуги обезбедени на локално ниво.

Министерот за финансии, Тевдовски, нагласи дека во новата стратегија за соработка со Светската банка има и други нови проекти за унапредување на човечкиот капитал во земјата.

„Тука е проектот за примарна здравствена заштита. Тој ќе биде насочен кон реформи и инвестиции во примарниот здравствен сектор. Тука се и проекти за јакнење на вештините, претприемаштвото, проекти од социјалата и животната средина. Вкупната вредност на проектите од стратегијата е околу 400 милиони долари и треба да се спроведе во наредните 4 години“, информира тој.

Вчера беа одбележани 25 години од соработката со Светската банка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП