5 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрилеп формира јавно претпријатие за спроведување на гасификацијата

Прилеп формира јавно претпријатие за спроведување на гасификацијата

Советот на Општина Прилеп денеска на седница донесе одлука за формирање ново јавно претпријатие за енергетски дејности, чија приоритетна задача ќе биде да ги подготви и спроведе сите неопходни активности за претстојната гасификација на градот.

„Јавното претпријатие „Енерго Прилеп“ ќе има задача да го подготви теренот за имплементација на гасоводот на територијата на општина Прилеп. Постапката за формирање јавно претпријатие е подолга, во периодот што претстои ќе имаме обврска да го подготвиме статутот, да ја утврдиме неговата точна дејност, да се изберат органите на управување што ќе раководат со јавното претпријатие, со цел спремни да ја дочекаме гасификацијата“, изјави претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски.

На денешната седница Советот донесе одлука за измена на буџетските средства, со што за делумно обесштетување на земјоделците, чии земјоделски површини претрпеа штети од невремето, ќе бидат издвоени 6 милиони денари. Истовремено, советниците донесоа одлука за финансиска помош на ракометниот клуб „Прилеп“ за кој ќе бидат издвоени 1,2 милион денари.

Прилепските советници ги изгласаа и тримесечните извештаи за финансиското работење на јавните комунални претпријатија „Комуналец“ и „Пазари“, ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ и ЈП за ПУП. Исто така, советниците ги изгласаа одлуките за формирање паралелки со помал број ученици, а беа изгласани согласности за програмите за изведување научно-наставни екскурзии во прилепските основни училишта.

По барање на граѓаните, соопшти Општината, на денешната седница членовите на прилепскиот општински Совет легализираа дваесетина бесправно изградени објекти.

Од причина што советниците побараа повеќе информации за трите точки што се однесуваат на работењето на ЈКП „Водовод и канализација“, денешната 20-та седница беше прекината, а нејзиното продолжение се очекува во текот на следните денови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП