17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈавен повик за субвенции за купување електрични тротинети

Јавен повик за субвенции за купување електрични тротинети

Градот Скопје распиша јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување електрични тротинети за 2018 година. Јавниот повик ги опфаќа сите граѓани на Град Скопје кои ќе купат електричен тротинет од денот на објавувањето на јавниот повик, односно денеска, а заклучно со 10 декември годинава, соопштуваат од Град Скопје.

Во соопштението се додава дека се предвидува градот да надомести, односно субвенционира дел од средствата за набавка во износ од 50 проценти од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 10 000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Во соопштението се посочува и дека јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, во соопштението се посочува дека барателот до Град Скопје треба да достави: барање за надоместок, доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот, фотокопија од трансакциска сметка на барателот и доказ дека е извршено купување на електричен тротинет, и тоа оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка т.е. доказ за платена фактура во целост (оригинал на увид), со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик.

Од Град Скопје исто така посочуваат и дека едно лице може да поднесе само едно барање за добивање надоместок за еден електричен тротинет. Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување електричен тротинет, заедно со потребната документација, граѓаните ги доставуваат до соодветната комисија, преку Архивата на Град Скопје, на булевар Илинден бр.82, секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот. Во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, Град Скопје, како што информира, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, сè до нивно целосно искористување, но не подоцна од 10 декември, а за оваа намена Градот Скопје предвидел 1.090.000 денари.

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања, сè до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена. Доколку бидат исцрпени предвидените финансиски средства, Градот Скопје ќе ја информира јавноста дека jавниот повик е прекинат пред истекот на периодот за кој е објавен.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП