15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСè повеќе сиромашни – секој петти Македонец едвај врзува крај со крај

Сè повеќе сиромашни – секој петти Македонец едвај врзува крај со крај

Во Македонија има сè повеќе сиромашни – стапката се зголемила за 0.3 процентни поени за една година. Од друга страна има благо намалување во разликите меѓу оние со највисоки и оние со најниски приходи.

Расте бројот на сиромашни

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) стапката на сиромаштија во 2017-та достигнала 22.2% и за една година се зголемила за 0.3 процентни поени.

Минатата година 460 илјади Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 7.510, а за четиричлено домаќинство 15.771 денари месечен приход.

Највисока стапка на сиромаштија има кај најмладите односно децата до 17 години, изнесувала 29.9%; а најниска кај највозрасните односно постарите од 65 години, изнесувала 16.1%.

38.7% од невработените, 9.0% од вработените и 7.7% од пензионерите живеат во сиромаштија.

Сиромаштијата во последните три години има тенденција на раст – стапката во 2016-та била 21.9%, а во 2015-та 21.5%.

Претходно стапката на сиромаштија неколку години по ред се намалуваше – во 2014-та била 22.1%, а во 2013-та 24.2%.

Во последните 20 години Македонија имала највисока стапка на сиромаштија во 2009-та година, изнесувала 31.1%. Најниска била во 1997-та, 19%.

За сиромашни се сметаат оние лица, семејства и групи чии ресурси (материјални, културни и социјални) се на такво ниво кое ги исклучува од минимално прифатливиот начин на живеење во земјата во која живеат.

Минимално намалени разликите меѓу богатите и сиромашните

Бројот на сиромашни е зголемен, но барем има намалување во разликите меѓу оние со најголеми и оние со најмали приходи, макар минимално.

GINI коефициентот во Македонија во 2017-та изнесувал 0.325, во 2016-та 0.336, а во 2015-та 0.337.

GINI е мерка на нееднаквоста на приходите. Вредноста на коефициентот е дефинирана во распон од 0 до 1, при што ниска вредност индицира подеднаква распределба на приходите или богатството, а висока вредност на нееднаквоста. Доколку GINI изнесува 1 тоа би значело дека во конкретното општество едно лице го поседува целиот приход, а сите други немаат приходи.

Во светски рамки најголема нееднаквост меѓу населението има Јужна Африка со коефициент 0.634, следуваат Намибија со 0.613 и Хаити со 0.608. Најмали разлики има во Украина 0.255, Исланд 0.256 и Словенија 0.257.

Околу 140 илјади луѓе живеат во вистинска беда

Има сиромашни, но и екстремно сиромашни. Околу 140 илјади луѓе во Македонија живеат во вистинска беда.

6.9% од македонските домаќинства имаат само полско WC, 5.5% немаат када или туш, а 13.5% живеат во несоодветни услови: покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува најновата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2016-та“ на ДЗС.

Според истата публикација 3.0% од семејствата немаат ни фиксен ни мобилен телефон, 0.5% немаат телевизор, 27.3% немаат компјутер, 5.6% немаат машина за перење, а 36.9% не поседуваат автомобил.

Состојбата е малку подобрена во однос на претходната година.

Според ДЗС македонското семејство располага со дом кој во просек има 3.5 соби односно 1.0 соба по член (просечната големина на домаќинствата е 3.5 луѓе). 70.2% од семејствата живеат во единечни семејни куќи, 14.0% во лепенки, 15.9% во станови.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП