28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАССК: Првите овластени економски оператори ја олеснуваат трговијата

ССК: Првите овластени економски оператори ја олеснуваат трговијата

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Царинската управа го промовираа концептот на овластен економски оператор (OEO).

На прес-конференцијата беше истакнато дека статусот на OEO е меѓународно признаена марка за квалитет која укажува на тоа дека економските оператори од Македонија како производители, извозници и увозници, шпедитери и транспортери во меѓународниот ланец на снабдување се безбедни и сигурни, а нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека првите компании веќе аплицираа и се во процедура на имплементирање на неопходните правила за добивање на статус ОЕО, што значи поволност за компаниите како на македонското царинско подрачје, така и во царинското подрачје од земјите на ЦЕФТА регионот, односно овозможува приоритетен третман при извршување на царинските контроли со значително олеснети процедури.

„Придобивките за стекнување на статус на ОЕО кај компаниите се бројни од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот раст. Поточно, компаниите кои ќе се стекнат со статусот ОЕО, ги задоволуваат предвидените законски критериумите и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот ланец на снабдување. Од друга страна, стекнувањето на статус ОЕО за домашните компании е исто така предизвик, затоа што станува збор за процес на имплементација на високи стандарди“, изјави Арсовска и додаде дека компаниите кои ќе се стекнат со ОЕО долгорочно ќе имаат поедноставни, побрзи и поевтини постапки за компаниите кои се извозно ориентирани.

Директорот на Царинската Управа, Ѓоко Танасоски, истакна дека дел од придобивките што ги носи статусот ОЕО, а кој се стекнува на доброволна основа се поголема безбедност и сигурност како и намалени трошоци. Танасоски ги охрабри македонските компании да се здобијат со статус на ОЕО со цел да ги искористат придобивките и поволностите на одобрениот статус.

Концептот на Овластен економски оператор е еден од инструментите за олеснување на трговијата. Овој концепт е одамна промовиран од страна на Светската царинска организација и прифатен од многу држави, тој опфаќа подобности за овластен економски оператор во државата и надвор од државата.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП