26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНови 20 милиони евра за изградба на системите за наводнување Лисиче и...

Нови 20 милиони евра за изградба на системите за наводнување Лисиче и Јужновардарска Долина

Владата на вчерашната седница донесе одлука за пренамена на средства од Програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии, а кои ќе се искористат за финансирање проекти од областа на наводнување што ги спроведува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Станува збор за финансиски средства по основ на доделен заем од Владата на Сојузна Република Германија, односно германската кредитна развојна банка KfW.

Се работи за средства во износ од 20 милиони евра кои МЗШВ ќе ги искористи за реализација на проектите „Повеќенаменски ХС Лисиче 2 и 3 фаза и Програма за наводнување на Јужновардарска Долина фаза 3“.

Овие два проекта од областа на наводнувањето се од исклучително значење за Велешкиот и Валандовскиот Регион. Нивната реализација директно ќе влијае врз зголемување на наводнуваните површини во овие региони и врз подобрување на конкурентноста на земјоделството.

Хидросистемот Лисиче ќе обезбедува вода за пиење за градот Велес и вода за наводнување на околу 5 000 хектари земјоделска површина, техничка вода за потребите на индустријата, како и дополнување на акумулацијата Младост, кој се наоѓа блиску до Велес. Дополнително, системот овозможува и искористување на водниот потенцијал за производство на електрична енергија.

Овој систем за наводнување ќе опфати речиси 85% од населението во регионот, вклучено во земјоделски активности. Со изградбата на системот за наводнување ќе се изврши и поврзување на акумулациите Лисиче и Младост и изградба на мали хидроелектрани. Вкупната инвестиција е околу 28,5 милиони евра.

Програмата за наводнување на јужната долина на реката Вардар – 3 фаза го опфаќа регионот на системот за наводнување Валандовско Поле, кој се протега од пумпната станица Страиште, потисниот цевковод и дистрибутивната мрежа во атарот на градот Валандово и населените места Раброво и Честево. Површината опфатена со овој систем е со површина од околу 1 750 хектари. Околу 2 000 лица ќе имаат корист од реализацијата на третата фаза од овој систем за наводнување. Вкупната инвестиција за проектот е околу 9,5 милиони евра. Инаку, за овој проект за втората фаза во тек е тендерската постапка за избор на најповолен изведувач, којашто се очекува да биде завршена до крајот на овој месец, по што ќе почне изградбата на системот за наводнување од Удово до Страиште.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП