25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСе затвора комплексот „Македонско село“, владина инвестиција од 6,5 милиони евра

Се затвора комплексот „Македонско село“, владина инвестиција од 6,5 милиони евра

Од утре се затвора комплексот „Македонско село“, инвестиција од 6,5 милиони евра што се наоѓа во Нерези, а чиј концесионер е некогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, преку неговите фирми „Тинекс“ и „Квинс“. Одлуката ја донел менаџментот на комплексот и истата ја соопшти преку социјалните мрежи. Тодоровиќ е недостапен да ги објасни причините за затворањето.

„Ве информираме дека менаџментот на комплексот ‘Македонско Село’ донесе одлука за затворање на комплексот и истиот престанува да работи од 18.10.2018 (четврток). Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години“, пишува во постот на „Фејсбук“, објавен утринава.

Тодоровиќ за етно-селото плаќа концесија од 3 500 евра со ДДВ. Тодоровиќ со концесијата доби на располагање комплекс од 12 000 квадратни метри, односно ресторан, музеј, амфитеатар, воденица и други објекти.

Комплексот „Македонско село“ е инвестиција на Владата вредна 6,5 милиони евра. Изградбата чинеше 5.2 милиони евра, за внатрешно уредување беа потрошени 1.3 милиони евра, 24 илјади евра беа потрошени за електромобили кои служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4 200 евра беа потрошени за патоказите и ознаките на комплексот, а 2 700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

Тогашниот министер за економија, Ваљон Сарачини, сметаше дека со изградба на комплексот ќе се комплетира туристичката понуда. Според пресметките, Владата вложените пари во комплексот ќе ги врати по приближно 155 години, односно толку време треба закупецот да ѝ плаќа на Владата по 3 500 евра месечно, колку што е сегашната кирија, за да се стигне до приближно 6,5 милиони евра колку што државата вложи во селото.

Тодоровиќ три години стопанисува со „Македонско село“. Владата во 2016 година, по распишаниот оглас за концесија, ги избра фирмите „Квинс“ и „Тинекс“ бидејќи дале највисока сума за кирија.

Пред Тодоровиќ да го добие „Македонско село“, Владата склучи договор за концесија со „Тренд“, кој требаше да плаќа по 2 000 евра месечно. Тој договор беше поништен на барање на „Тренд“, но никогаш не кажаа зошто.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП