29 март, 2024
ПочетнаАВТОБИЗГолемината е навистина важна: BMW X7 (фото+видео)

Големината е навистина важна: BMW X7 (фото+видео)

По четири години од официјалната најава и една година по концептната верзија, „BMW“ го претстави моќниот „SUV X7“ со 3 реда седишта кој на пазарот ќе се спротивстави на најголемиот ривал – „Mercedes GLS“.

Моделот кој со својата големина сака да ги импресионира пред се американските купувачи, ќе се изработува во фабриката во Спартанбург, САД, каде „BMW“ ги произведува повеќето свои „SUV“ автомобили.

Фотографиите од сериското возило покажува дека – кога станува збор за надворешноста, баварскиот производител не отстапил премногу од концептот „X7 iPerformance“ од 2017-та.

Навистина, фаровите не се тенки како кај концептот, ретровизорите се малку поголеми, но е задржана масивната маска на ладилникот, која доминира на предниот дел од автомобилот.

Задниот дел на „X7“ е речиси преслика од минатогодишниот концепт.

Кога ќе се погледне од страна, може да се открие дека задната врата е поширока од предната, а причината е патниците полесно да се сместат во третиот ред седишта.

Кабината е многу пространа и луксузна, со целосно дигитализиран кокпит кој се состои од два големи 12,3-инчни екрани – оној пред возачот ја менува конвенционалната аналогна инструмент табла, додека десниот екран служи за мултимедијалниот систем на „BMW“.

На централната конзола меѓу возачот и сувозачот, која исто така импресионира со својата големина, покрај рачката на менувачот се најде место за многу копчиња, вклучувајќи ги „iDrive“ командите за мултимедијалниот уред, како и прекинувачот за избор на режимот на возење и подесување на висината на суспензијата.

Четиризонскиот клима-уред е стандарден дел од опремата на „Х7“, додека како опција може да се докупи и клима со 5 зони.

Дека во „BMW“ воделе сметка за луксузните содржини, покажува и податокот дека секој „Х7“ е опремен со троделен панорамски стаклен покрив, кој овозможува внатрешноста на автомобилот да биде максимално осветлена со природно светло.

Меѓу дополнителните премиум опции се и двете посебни седишта во вториот ред, кои ги имаат сите опции за подесување, како и оние на кои седат возачот и сувозачот. Во оваа конфигурација (прикажната на промотивните слики), „BMW X7“ наместо стандардни 7 има 6 удобни седишта.

Вратата на багажникот е во два дела, па така по потреба може да се отвора само горниот сегмент, доколку во него се ставаат мали и лесни работи, додека за кабастите предмети со поголеми димензии се спушта и долната врата.

„BMW“ наведува дека во основната конфигурација на седиштата достапни се дури 1.376 литри багажен простор, додека со навалување на вториот и третиот ред седишта, просторот се зголемува на огромни 2.560 литри.

Моторизацијата варира во зависност од пазарите на кои „Х7“ ќе биде понуден. Па така на купувачите во САД на располагање ќе им бидат бензинците „X7 xDrive40i“ и „X7 xDrive50i“.

„Послабиот“ од двата модели, „xDrive40i“, има 6-цилиндарски 3.0-литарски турбо агрегат со 340 ks (250 kW) и 447 Nm максимален вртежен момент. Овој „Х7“ од 0 дo 60 милји на час (0-96 km/h) забрзува за 5,8 секунди.

За оние на кои тоа не им е доволно, „BMW“ ја обезбеди верзијата „xDrive50i“ која под хаубата има 4.4-литарски twin-turbo V8. Oвој мотор испорачува 462 ks (340 kW) и 649 Nm, a од место до 60 милји на час стигнува за 5,2 секунди.

Двата бензинци се поврзани со осумстепен автоматик и стандарно имаат погон на сите четири тркала. „BMW X7 xDrive50“ има можност за заклучување на задниот диференцијал, како опција во рамките на дополнителните пакети „Dynamic Handling“ и „Off-Road“.

Системот за воздушна суспензија со адаптивни амортизери доаѓа како стандарден елемент на опремата.

Купувачите во Европа нема да можат да сметаат на помоќниот бензински модел со V8 мотор, но затоа, покрај бензинецот „xDrive40i“, на располагање имаат две дизел опции.

„BMW X7 30d“ е опремен со 6-цилиндарски 3.0-литарски дизел со 265 ks (195 kW) и 620 Nm, додека помоќниот, „X7 50d“ има 3.0-литарски quad-turbo дизел мотор со 400 ks (294 kW) и дури 760 Nm максимален вртежен момент.

Послабиот дизел овозможува „BMW X7“ да забрза од 0 до 100 km/h зa 7 секунди, додека во случајот со помоќниот тој до „стотка“ стигнува за само 5,4 секунди.

Дизелите се испорачуваат со заден погон и осумбрзински автоматик.

„BMW“ својот најголем „SUV“ го опреми со голем број системи за асистенција, како што се: „Blind Spot Detection“, „Lane Departure Warning“, „Rear Collision Warning“, „Frontal Collision Warning“, „Pedestrian Warning/City Collision Mitigation“, „Cross Traffic Alert Rear“, „Parking Assistant Plus“, „Active Lane Keeping Assistant“ и „Extended Traffic Jam Assistant“.

„BMW X7“ ќе има светска премиера на американска почва, поточно на саемот за возила во Лос Анџелес, во ноември, а продажбата ќе започне во 2019-та година. Основниот модел во САД ќе чини од 73.900 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП